Руска салата (Зимска салата)
Состојки
- 1кг. корнишони
- 1кг. моркови
- 1кг. карфиол
- 1кг. зелка
- Солило
- 750мл. алкохолен оцет
- 250мл. вода
- 500мл. зејтин
- 250гр. шеќер
- 150гр. сол
- бибер по желба
Подготовка
Во мојата фамилија зимската руска салата се подготвува со години и тоа по овој рецепт. До сега немав потреба јас сама да ја спремам, зашто секогаш се наоѓаше некој од блиските да ја спреми за мене =). Овој пат решив јас да си ја подготвам и да го споделам рецептот со вас.
Подготовка
Зеленчукот убаво се мие и се чисти. Корнишоните и морковите се сечкаат на кругчиња. Карфиолот се дели на мали цветчиња (парчиња), а зелката ситно се сецка (ренда).
Во едно длабоко тенџере ставете ги најпрво морковите, врз нив наредете ги корнишоните. Над корнишоните се реди карфиолот а најодозгора зелката.
На страна во теџере се ставаат сите состојки за солилото и се става да зоврие. Откако ќе зоврие се попарува зеленчукот, се поклопува со капакот и се остава така да отстои 15 минути.
Отворете го малку капакот од тенџерето со зеленчук и исцедете го солилото во тенџерето во кое претходно се варело. Повторно ставете го да зоврие и уште еднаш попарете го зеленчукот. Повторете го тоа и по третпат.
Откако по третпат сте го попариле зеленчукот, оставете така убаво да се олади најдобро преку ноќ. Наредниот ден полнете ги теглите со салатата. На крај, дополнете ги теглите со солило и затворете ги убаво со капаците.
Зеленчукот одберете си го по ваша желба. Јас во рецептов го напишав мојот избор. Може да ставите и пиперки, зелени домати....Бибер напишав по желба зашто нема некоја мера, ама отприлика треба да рачунате со една кесичка бибер. Од оваа мера излегуваат некаде околу 6-7 тегли.