Мафин рози
Состојки
- Тесто
- 225гр. брашно
- 1 рамна лажичка прашок за печиво
- 75гр. шеќер
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 125гр. омекнат путер или маргарин
- 1 јајце
- Ронливо тесто
- 125гр. брашно
- 1 рамна лажица какао во прав
- 1/2 лажиче мелен цимет
- 75гр. шеќер
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 100гр. омекнат путер или маргарин
- За премачкување
- 4 лажици слатка павлака
- 1 лажица путер или маргарин
Подготовка
Првпат ги подготвив и пробав овие мафини и дефинитивно ќе бидат уште многу пати подготвувани, зашто многу ни се допаднаа. На вкус наликуваат на ванилици, со мека средина (кафениот дел), едноставно се топат во уста.
Подготовка
1. Модлите за мафини премачкајте ги со маргарин и побрашнете ги.
2. Сите состојки за тестото ставете ги во длабок сад и изматете најпрво со миксер, со спираните маталки, додека да се спојат сите состојки. На крај, со рака замесете го кратко тестото колку да оформите топка од него. Замотајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да отстои 30 минути.
3. Во друг длабок сад ставете ги сите состојки за ронливото тесто и матете со миксер, со обичните маталки, додека да добиете трошки (околу 1-1,5 минута).
4. Вклучете ја рерната да се загрева на 180°.
5. Извадете го тестото од фрижидер и преполовете го. На убаво набрашнета површина од едната половина тесто, развлечете кора со димензии 30см/20см. Врз целата површина распоредете половина од трошките и замотајте ролат. Сечете парчиња долги по 5см. Истото повторете го и со друата половина од тестото.
6. Мафините ставете ги во модлите со шарената страна нагоре. Печете ги во веќе загреаната рерна околу 20-25 мин. додека благо да поруменат.
7. Кога мафините се при крај со печењето, во едно мало тенџере ставете ги слатката павлака и маргаринот (путер) да зовријат. Со оваа смеса веднаш премачкајте ги мафините откако ќе се испечат.
8. Оставете ги 5-10 минути да отстојат во формите па потоа вадете ги и оставете до крај да се оладат. На крај, ставете ги во хартиени корпиња за мафини и послужете.
Тестото за ваквите колачи (светлото тесто во овој случај) може и по неколку дена да стои во фрижидер. Можете и да го замрзнете во кесичка за замрзнување. Одмрзнувајте на собна температура во опаковката во која сте го замрзнале.