Цепкани ајварски пиперки
Состојки
- 10 килограми ајварски пиперки
- по желба/потреба сол
Подготовка
Ова е едноставен рецепт и верувам дека многумина го подготвуваат. Овој начин на подготвени пиперки може да се користи во повеќе варијанти...
Приготвувајте си ги понатаму како сакате.
Додајте им оцет во зимно време, скршете им јајце и ете готов ручек на брзина или оставам на вас како ќе ги конзумирате.
Јас во овој рецепт ќе напишам како и колку ставив јас.
Ајварските пиперки ги печеме и лупиме.
Отстрануваме семето.
Ги ставаме во мрежичка или цедалка да се исцедат добро.
Ги цепкаме по должината на пиперката или пак со ноже ги сечкаме на ленти.
Ги полниме теглата со сецканиве пиперки и посолуваме со јадра сол.
Солта нема мерка, нема грамажа... ставате по вкус.
Еден ред пиперки сецкани, па потоа сол, па пак пиперки и сол и на крај третиот ред од пиперки и третиот ред сол беше редот по кој јас ја наполнив килската тегличка.
Убаво се затвара теглата и се редат во сад со вода и се ставаат да зовријат теглите.
Од самиот чин на вриење, пиперката ќе си пушти сокче во теглата. Нека повријат така околу 30 минути и се тргнува садот од оган заедно со се теглата.
Теглите истинуваат заедно со водата во која вриеле.
Вака спремени пиперките редете ги на полиците во подрум кај останатата зимница.
Од 10 кг. Ајварска пиперка, ми излегоа 7 тегли цепкани пиперчиња.
Веќе имате готово мезенце, брз ручек, или вкусен додаток за секое јадење.
На здравје