Испечати

Полнето печено пиле

Полнето печено пиле

Состојки

  • 1 цело пиле (околу 1,2 - 1.3кг.)
  • За полнење
  • 1 филџанче грав (околу 100гр.)
  • 2 помали парчиња домашни колбаси
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 3 лажици полусушени маринирани домати
  • по вкус сол, бибер и мајчина душичка
  • Допонителни состојки
  • 1 лимон
  • по потреба зејтин
  • 1-2 лажици црвен пипер
  • 200мл. вода
  • 200мл. бело вино

Подготовка

Рецепт од господинот Мастершеф Гордон Ремзи, кој се обидов да го ископирам скоро во целост. Рецептот е дел од неговиот најнов кулинарски видео курс, за оние кои се заинтересирани го има на интернет и може да си го сименете целиот серијал. И после кратката реклама да се вратиме на рецептот =)
Големината на пилето може да си ја прилагодите според вашите потреби, па така и количината на полнежот ќе варира. Во оригиналниот рецепт се користени шпански зачинети колбаси кои не знам дали ги има кај нас, но ете се обидов соодветно да ги заменам.

1. Гравчето треба да ви биде убаво сварено. Во тава на оган ставете го ситно сецканиот кромид и протиснатото лукче да се пржат. Кога ќе омекнат и добијат боја додадете ги парчињата исецкани колбаси малку да се пропржат и ослободат дел од мрснотијата. Потоа додадете го и вареното гравче и убаво промешајте. На крај доадете ги маринираните домати, зачинете по вкус со сол и бибер, додадете ја мајчината душичка и убаво промешајте за да се соединат вкусовите.
2. Во отворот од пилето ставете сол и бибер и потоа наполнете го убаво, притискајте за што е можно повеќе да се наполни. На крај ставете цел лимон на отворот, прицврстете со чепкалки за да не паѓа и ставете го во тава за печење. Од горе повторно зачинете со сол и бибер, ставете малку зејтин и црвен пипер и убаво измачкајте го со рацете.
3. Во тавата во која ќе се пече ставете ги водата и виното, сол, бибер, мајчина душичка,ловоров лист (по желба) и 2-3 чешниња лукче, поклопете со капак или алу фолија и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180С 1 час. По 1 час тргнете го капакот/фолијата и оставете уште 20-30 мин. за да зарумени од горе.
4. Потоа извадете го пилето, отворете го отворот и во посебен сад извадете го полнењето. Пилето исечето го на парчиња, ставете на чинија и спремни сме за служење.
За ептен оригинално ... лимонот треба да се истиска во сокот од тавата, да се процеди и да се послужи како сос. Го направив тоа меѓутоа за наш вкус беше киселкасто па го одбегнавме.

Добар апетит =)