Мешан мармалад (нектарина, смоква, слива)
Состојки
- 1кг. нектарини (чисто овошје)
- 1кг. модри сливи (чисто овошје)
- 1кг. смокви
- 500гр. шеќер
- 100мл. сок од лимон (2 лимона)
- прстофат сол
Подготовка
На крај на сезоната, па да го искористиме овошјето додека го има. Комбинацијата на овие 3 овошја е по моја желба и за прв пат го подготвувам мармаладов, но верувајте излезе одличен.
За проба може во блендер да испасирате малку од овошјето кое сакате да го комбинирате и да го пробате вкусот.
1. Овошјето измијте го, исчистете го и исецкајте на парчиња. (Ако сакате мазна текстура измелете го). Во подлабок сад, погоден за во рерна редете дел од овошјето, па дел од шеќерот се додека не се потрошат состојките. Прелијте со сокот од лимон и ставете ја солта.
2. Ставете во загреана рерна на 220С да се пече. Може да го правите и на шпорет, но ќе треба да стоите цело време над него =))). Повремено промешувајте за да не се залепи од страните. По 1 час во рерна го извадив и сосем малку го згмечив овошјето, па потоа назад во рерна додека не се добие убава густина. Времето на печење околу 2 и пол часа, ќе си проверувате на ладна тацничка или опачината на лажицата или по било кој друг метод по кој си проверувате.
3. Тегличките треба да бидат загреани во рерна, ставате, затварате и назад во рерна околу 30-40 мин на 50С. Потоа ја исклучувате рерната и оставате сами да се изладат па складирате кај останатата зимница.
Од наведената доза ми излегоа 5 мали теглички.
Добар апетит =)
*Количината на шеќер ќе си ја прилагодите во зависност од овошјето. Може да си правите и комбинации по желба.
Ќе си кажам дека направив и комбинација праска/слива исто така одлично. Па така .. комбинирајте и уживајте =)