Пирамида торта
Состојки
- Тесто
- 10 белки
- 10 лажици шеќер
- 100 гр. кокос
- 150 гр. мелени печени лешници
- 4 лажици брашно
- Фил
- 10 жолчки
- 12 лажици шеќер во прав
- 200 гр. чоколадо за готвење
- 250 гр. путер или маргарин
Подготовка
Стар рецепт кој после многу години се најде повторно во примена. Овојпат како роденденска торта за мојот јубилеен роденден =)
Подготовка
1. Вклучете ја рерната да се загрева на 170 степени. Плехот од шпорет (40см/30см) намастете го со зејтин и ставете хартија за печење.
2. Белките изматете ги убаво со шеќерот. Матете додека шеќерот да се стопи и добиете убава цврста смеса. Додадете ги кокосот и мелените лешници и на крај внимателно измешајте го и брашното. Истурете ја смесата во подготвениот плех и печете околу 20-25 мин.
3. Откако ќе се испече тестото, превртете го на хартија за печење или крпа и оставете да се олади.
4. Тестото исечете го по должина на пет ленти широки по 10см, 8см, 6см, 4см и 2 см.
5. За филот, изматете ги жолчките со шеќерот во прав. Матете додека смесата видно се дуплира и потоа продолжете да ги матите на пареа (околу 5 мин.) Тргнете на страна да се лади.
6. На пареа стопете го и чоколадото и додадете го во смесата од жолчки (чоколадото да е топло).
7. Откако убаво ќе се олади, на страна се мати маргаринот и се спојуваат двете смеси.
8. Корите се филуваат почнувајќи од најшироката лента па завршувајќи со најтесната.
По желба, одозгора може да се посипе со мелени лешници (како на сликата), стопено чоколадо или чоколадо изрендано на покрупно. Се украсува со чоколадни филиграни или цели бадеми и јатки ораси.