Коблер со праски и боровинки
Состојки
- Овошен дел
- 1 кг праски
- 150 гр боровинки
- 100 гр шеќер
- 3 лажички густин
- Тесто
- 250 гр брашно
- 115 гр студен путер
- 240 мл млеко
- 75 гр шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 2 лажички прашок за печиво
- пола лажичка сол
- За премачкување
- малку млеко
- по потреба кристал шеќер
Подготовка
Коблерот е американски десерт кој се спрема многу брзо. Богат е со овошје и послужен со сладолед е одличен за летните денови.
Овошен дел
Праските се сечат на тенки парчиња и во поголем сад се мешаат со боровинките, шеќерот и густинот. Овошната смеса се префрла во садот за печење (20х30 см).
Тесто
Во подлабок сад се мешаат брашното, шеќерот, ванилиниот шеќер, солта и прашокот за печиво. Потоа се додава на коцки исечен ладниот путер и со прстите се трие низ брашното за да се добијат крупни трошки. Никако не се меси. Трошките нека бидат со големина на зрно грашок. Потоа се додава млекото и смесата се меша со вилушка. Ќе биде малку помеко, но тоа не е проблем.
Со лажица се става од тестото врз спременото овошје. Секое од купчињата тесто малку се зарамнува одозгора (не треба да биде целото рамно, видете на сликите). Се премачкува со четкичка со малку млеко и се посипува со шеќер.
Се пече во загреана рерна на 190 степени, во долниот дел на рерната, околу 50 минути. Ако тестото почне да добива боја многу бргу, тогаш покријте го со хартија за печење. Обавезно ставете фолија на дното на рерната бидејќи постои опасност да искапе сок од овошјето додека се пече.
Коблерот се служи млак или на собна температура, со изматена слатка павлака или сладолед. Ние го јадевме само така, без додатоци, за да не почнеме и физички да личиме на американци „“-)
Пријатен апетит!