Ќофтиња од леблебија со салата од домати и јогурт
Состојки
- За ќофтињата
- 400 гр. леблебија
- 1 главица кромид (100гр.)
- 4 чешниња лук
- 1 лажиче мелен кумин
- 1 лажиче мелен коријандер
- 2 лажичиња Хариса (ориентална лута паста)
- 1/2 лажиче сода бикарбона
- 2 јајца
- За салатата
- 150 мл. полномасен јогурт
- 2 лажици сок од лимон
- 2 лажици маслиново масло
- прстофат мелен кумин
- сол, бибер
- 800 гр. домати
- 1 китка магдонос или 2 полни лажици сушен магдонос
Подготовка
Уште еден рецепт за здрав и нискокалоричен оброк. Одлична комбинација од зачинети ќофтиња и освежителна салата.
Подготовка
1. Леблебијата измијте ја убаво и оставете ја 12 часа во вода да одстои.
2. Варете ја околу 1 час, истурете ја водата во која се варела и оставете убаво да се исцеди.
3. Кромидот и лукот исечкајте ги покрупно и ставете ги во блендер заедно со леблебијата. Додадете ги сите зачини и јајцата. Доколку немате Хариса паста, истата може да ја замените со луто пиперче. Сето ова заедно изблендирајте го за да добиете една компактна мазна смеса. Мене не ми успеа со блендерот зашто верувам дека не е доволно силен за да ја сомеле леблебијата, па затоа блендирав со рачен блендер. Оставете ја смесата 30 минути „да одмори“.
4. Од смесата направете ќофтиња и пржете ги во фритеза на 160 степени или во тенџере со масло на умерена температура. Доволи се 2-3 минути за да се испржат ќофтињата. Оставете ги на кујнска хартија за да се исцеди вишокот на масло. Од оваа смеса излегуваат околу 40 ќофтиња.
5. За салатата од домати со јогурт, најпрво измешајте го јогуртот со сокот од лимон, маслиновото масло, магдоносот и зачините.
6. Доматите исечете ги на осминки и извадете им го семето. Потурете ги со смесата од јогурт и сервирајте со ќофтињата од леблебија.
Во оригиналниот рецепт стои доматите да се измешаат со јогуртот. Јас тоа не го направив од естетски причини, верувам дека на слика нема толку убаво да изгледа.
Ви посакувам добар апетит!