Јајца во сос од домати
Состојки
- 6 домати
- 1 главица кромид
- 1/2 чили
- 1/2 пиперка, црвена
- 2 чешниња лук
- 6 маслинки
- 3 јајца
- 3 парчиња чајна колбасица
- сол, бибер
Подготовка
Пикантно јадење кое во Шпанија се сервира како тапас (мезе) со свеж бел леб. Може да го подготвите и како главно јадење во комбинација со ќофтиња од мелено месо или со пилешко месо.
Подготовка
Доматите прелијте ги со врела вода и оставете ги да постојат така околу 5 минути. Потоа излупете ги и исечкајте ги на покрупно. Кромидот, чилито, пиперката, лукот и маслинките исечкајте ги ситно. Во една длабока тава ставете малку маслиново масло и ставете го кромидот да се пржи. Кога малку ќе омекне додадете ги двете врсти на пиперки, маслинките и лукот. Динстајте на средна температура околу 8-10 минути. Додадете ги доматите, посослете и побиберете и продолжете со динстање наредни 15 минути или додека не забележите дека сосот се згуснува.
Загрејте ја рерната на 160 степени. Три мали земјени или огноотпорни садови намастете ги со малку зејтин. Ставете го сосот од домати во нив и со помош на лажица, во секое од нив направете по една вдлабнатина во сосот. Скршете по едно јајце, посолете и одозгора ставете по едно парче чајна колбасица. Печете во загреана рерна околу 20 минути. Белката од јајцето треба да биде цврста а жолчката да се разлива.
Уживајте во овој тапас со една чаша бело вино. На здравје!