Испечати

Лука колач

Лука колач

Состојки

  • за секоја кора 1,2 (мерките се за една кора)
  • 5 белки
  • 200гр. шеќер
  • 1 лажица винска киселина
  • 120гр. мелени ореви
  • 4 лажици брашно
  • за кора 3
  • 5 белки
  • 150гр. шеќер
  • 100гр. кокос
  • 3 лажици брашно
  • 1/2 кесичка печиво
  • за крем
  • 11 жолчки
  • 10 лажици шеќер
  • 2 кесички пудинг ванила
  • 4 лажици брашно
  • 1 литар млеко
  • 100гр. бело чоколадо
  • за прелив
  • 200гр. црно чоколадо
  • 4 лажици млеко
  • 1 лажица маргарин
  • и уште..
  • 250гр. маргарин коцка
  • 200гр. шеќер во прав
  • 1кесичка шлаг пена

Подготовка

Како се ближеше стотката, така се мислев дали благо или солено рецептиче да поставам, арно ама преовладувачки број гласови за коцките беа и така во оваа наша дружба кратка и слатка ви ја претставувам мојата најслатка сластица, која ја направив специјално за моето детенце.

Уште на почеток да појаснам дека 1 и 2 се кори кои се исти по состав само наведени се количините на продукти за една кора, втората се спрема според нив исто.

Вообичаено како и кај сите белки се бијат прво белките, кога малку подзабелат постепено се става шеќерот. Во густата смеса се додава киселината, се исклучва миксерот и се додава останатото мешајќи со дрвена лажица, да се исхомогенизира. Смесата се излева над хартија за печење, во стандарден плех и се печи на 200, зависно од јачината на рерната кај мене печам за 17 минути.
По истиот принцип се припрема и втората кора.

За третата кора се бијат белките, се додава шеќерот, со исклучен миксер се додава се останато и се меша. Се става во плехот над хартија за печење исто така и се печи и таа на 200.
Од литар млеко оставаме настрана 200-250гр. во мерица, а остатокот се става на оган. Во тоа млеко во мерицата додаваме пудинг прашок, брашно, мешаме да се изедначи. Настрана во сад се бијат жолчките со шеќер, па се ставаат и тие во измешаната пудинг смеса, се промешува добро. Кога млекото стаса до точка на вриење се става постепено смесата во него притоа постојано мешајќи. Најдобро е да се меша со миксер цело време додека згусни кремот. Се остава да се излади.
Во меѓувреме го топиме чоколадото, и ставаме млеко и маргарин, па со таа смеса ја премачкуваме кората 1 и 2 кои се кафе боја, оставаме да се зацврсни.

Во сад настрана биеме маргарин со шеќер во прав, пенасто измиксан го спојуваме со жолтиот ладен крем, така филот ни е готов.

На ред е редењето на корите и филување
Филот се дели на 2 еднакви дела и уште еден сосема мал дел за најгоре за премачкување. Најдолу е кората1 се става фил, добро се израмнува, кората 3 (белата) повторно фил добро израмнет, најгоре кората2 и премаз од фил следува биената шлаг пена по упатство.
Сосема на врв посипав чоколадни трошки, а вам како ви е по желба.

Знам макотрпна работа бара, но какво внимание-таков резултат. Издашна, 30 коцки излегуваат по моја мерка.
Ако ви текнало дека не се искористени сите 15 жолчки, одма да ви појаснам сметав дека се премногу не ги ставив сите па и на крајот од краиштата се исплати. Ако верувате се препотив од пишување, мене обично долгите текстови ме заморуваат, па си прескокнувам по некој збор.