Самозас
Состојки
- 500 гр готови кори
- За полнење
- 2 големи компири
- 1 шоља грашок
- 2 - 3 лажици масло
- 1/2 лажичка семки кумин
- 1 ловоров лист
- 2 средно големи главици кромид
- 500 гр мелено месо
- 4 чешнина лук
- 1 лажичка ситно рендан свеж ѓумбир
- 1/2 лажичка бибер
- 1 1/2 лажичка сол
- 1 лажичка кумин во прав
- 1 лажичка коријандер во прав
- 1 лажичка кари во прав
- 1 лажичка чили во прав
- на врв лажичка цимет
- 1/4 лажичка кардамом во прав
- 2 лажици ситно сецкан магдонос
- 1 ситно сецкано луто пиперче
- За пржење
- по потреба масло
Подготовка
Самозас се Индиско јадење, иако нешто многу слично, со мали варијации во вкусот има и во Средноисточната кујна. Можат да се прават и полнети само со зеленчук, но кај мене дома ги сакаат вака.
Компирите излупете ги и заедно со грашокот кој може да е свеж или замрзнат сварете го во малку засолена вода. Исцедете ја водата и грубо пропасирајте ги.
Во една поголема тава, загрејте го маслото на средно силен оган, па пропржете ги семките кумин и ловоровиот лист само да замириса. Додајте го многу ситно исецканиот кромид, па пржете додека се застакли. Додајте го меленото месо и пржете додека да добие боја. Додајте ги протиснатите чешниња лук, зачините, посолете и испржете додека скоро цела течност не испари.
Тргнете ја тавата од оган, додајте ги компирот и грашокот, магдоносот, лутото пиперче и измешајте. Дотерајте го вкусот и оставете го филот малку да се излади.
Секоја кора превиткајте ја на пола, па уште на пола да добиете лента. На едниот крај ставете преполна голема лажица фил и завиткајте тригона. Крајот залепете го со малку ладна вода. Зависно од тоа колку ги полните самозите ќе добиете 12 - 15 триаголници.
Испржете ги во загреано длабоко масло на средна температура додека да се заруменат.
Можат да се замрзнуваат и пржени и непржени.
Јас почесто ги печам, ама тогаш кората пред виткањето ја попрскувам со малку масло, ги премачкувам со масло и одозгора и ги печам на 200Ц додека заруменат.
Послужете ги топли со густо кисело млеко или со павлака.