Кралски чоколаден колач
Состојки
- За тесто
- 200 гр темно чоколадо мин 45 % какао
- 2 лажици варено кафе
- 4 јајца
- 2 жолчки
- 120 гр путер
- 120 гр кафеав шеќер
- 50 гр мелени лешници
- 50 гр брашно
- 2 лажици цејлонски цимет
- За прелив
- 300 мл варено кафе
- 100 гр кафеав шеќер
- 1 лажиче цимет
- За декорација
- 1 кесичка шлаг крем од чоколадо
- 130 мл млеко
- 150 гр црно чоколадо
- 50 гр бело чоколадо
- 50 гр непечени лешници
- 100 гр путер
Подготовка
Иако не сум некој обожавател на тортите и колачите, а и не сум некој мајстор за нивна подготовка, еве се потрудив овој мој јубиларен рецепт да го подготван со сета своја љубов, а велат кога е нешто направено од срце и со љубов е навистина вкусно. И верувајте ова е една фантастична комбинација од состојки собрани на едно место кои заслужено го прават колачот толку добар, што ретко кој љубител на благо би останал рамнодушен на него. Името кралски му го дадов не само затоа што ја носи чоколадната круна на сабе туку бидејќи ги има и четирите состојки кои секој добар десерт заслужува да ги има, а тоа се чоколадо, цимет, лешник и кафе. Па во продолжение ви ја откривам постапката за негова подготовка
Најпрво сварете 300 мл јако турско кафе и оставете да се олади. Рерната загрејте ја на 190 степени.
Темното чоколадо заедно со путерот ставете ги да се растопат на пареа, заедно со 2те лажици кафе. Тргенете го потоа на страна и оставете малку да се олади. За тоа време убаво изматете ги јајцата со 2те жолчки со постепено додавање на шеќерот. Матете ги отприлика 5 минути додека не добиете густа смеса.
На страна измешајте ги брашното, циметот и мелените лешници. Внимателно ставете ги во изматените јајца и измешајте ги со лажица. На крај додадете го и растопеното чоколадо со путер и сето тоа рамномерно измешајте го.
Калапот за торта 20ка или 22ка обложете го со хартија за печење и во него сипете ја смесата. Печете го 30 до 40 минути на 200 степени. Проверете со чачкалица дали е внатрешно испечено. Печениот колач извадете го, оставете го малку да се олади а потоа внимателно ставете го на решетка да се олади убаво.
За прелив ставете го претходно сталоженото кафе (да нема талог) додадете го циметот и шеќерот и оставете го да се вари околу 10 минути додека не се згусне малку. Со чепкалка избоцкајте ја целата површина на колачот и полека преливајте го подготвениот прелив врз површината. Вака прелиениот колач оставете го преку вечер за убаво да впие се.
За декорација изматете го шлаг кремот со 130 мл млеко и нанесете го на површината и на страните од колачот. Оставете го во фрижидер околу 1 час да се стегне.
Декорацијата од чоколадо се подготвува на тој начин што чоколадото треба да се растопи на пареа со путерот. Растопеното чоколадо префрлете во во кесичка и со ножичка засечете го едниот затворен раб од ќесата сосем малку. Потоа на листови од хартија нацртајте сакана декорација од чоколадо и ставете ги малку листовите во фрижидер за да се стегне чоколадото, но не сосема. Полустврднатите декорации ставете ги околу колачот и веднаш одстранете ја хартијата. Декорацијата од чоколадо лесно ќе остане на колачот.
Од белото чоколадо јас формирав декорации кои ги искршив и ги ставив на површината на колачот која претходно ја декорирав со исецкани непечени лешници. Потоа повторно вратете го подготвениот колач во фрижидер и оставете го целосно да се олади уште 1 час.
Послужете го со кафе!
Добар апетит!!