Испечати

Домашна нутела

Домашна нутела

Состојки

  • 1 јајце
  • 1 литар млеко
  • 200гр шеќер во прав
  • 200гр маргарин или путер (на собна температура)
  • 6 лажици какао во прав
  • 6 лажици брашно
  • 200гр мелени печени лешници

Подготовка

Значи не е хумано што правам и колку го обожавам зборот ДОМАШНО. Ќе почнам фабрики да затварам ако ми тргне =))

И лесно и вкусно и постои опција за посна варијанта.
Нова љубов кај нас дома. Ја јадеме сите. И ние (што демек сме големи) и младунче кое има година и пол и потомоство кое има 7.5 месеци.
Колку поквалитетни состојки употребите, толку поубав вкус ќе добиете. Ние го правевме со овчо млеко, убаво и кремасто од што е масно, наше домашно јајце, интегрално пченично брашно мелено на воденица, квалитетно какао и купечки маргарин. УбиЌУ се за маргаринов, ама немавме путер дома, а мене мерак ми беше да го направам.

Значи лесно е.

Половина, а може и повеќе ако сакате, од млекото се става на рингла да се вари. Јас спремав во Касеролата на Делимано.
Сувите состојки брашно, какао и шеќер мешаат убаво, се додава втората половина од млекото и јајцето. Смесата убаво се меша за да нема грутчиња. Кога млекото во тенџерето проврило, се додава смесата од брашно, какао, шеќер и јајце и постојано се меша и се вари на тивко.

Лешниците се мелат, а ако сте во можност и имате нерви направете путер од нив. Мелете ги додека не станат леплива густа смеса. Или барем што поситно мелени, тоа подобро.

Кога смесата што се вари е готова и густа, толку густа што нема да паѓа од лажица, се трга на страна и се остава да се подолади. Се додаваат лешниците и убаво се меша за да се соединат и распоредат убаво, а на крај се додава путерот или маргаринот убаво пенесто изматен.
Се тегли, се затвара и се остава да се олади. Се чува во фрижидер.
Од оваа количина излегуваат три големи тегли. Вишокот што остана не го признавам јавно, морав да направам жртва и да го изедам, да не стои, нели =))

Ајде сега финтици, искуства и предлози

Кога ја пробав нутелата топла ми беше вкусна, ама пудингаста. Оладена си станува убав крем.

Лешниците немав време да ги мелам убаво, ама следниот пат ќе морам. Не ми пречи да ги има покрупните парчиња воопшто, ама мислам дека ако лешниците ги измелам во убава кремаста смеса ќе му дадат и покремаста структура на целата смеса.

Место какао во прав за понатака сакам да користам какао во зрна дома смелени. Мислам дека тоа ќе биде најхранливата варијанта.

Мислам дека вкусот нема да биде драстично различен ако ова се приготви и во посна варијанта. Место млеко да се стави вода, да се изостави јајцето и да се стави маргарин.

И покрај присуството на маргаринот, кремот е мек и лесен за мачкање (а и јадење од тегла со лажица наречено НИНЏА ДИЕТА - јадеш се, ама кога никој не гледа) =))

Е па, тоа е тоа. Лесно, вкусно, брзо за правење и супер здраво