Пекмез/џем од капини и чоколадо
Состојки
- 1 кг капини
- 500 гр шеќер
- 100 гр чоколадо
- сок од 1/2 лимон
Подготовка
Овој рецепт е од мојата драга виртуелна пријателка Мубера, која го сподели во исто време кога јас решив да соберам некоја капина од блиската околина. Се двоумев дали да правам мармалад/џем или слатко со цели капини, па како Кате се уште не го споделила слаткото од капини по рецепт од нејзината мајка и веројатно е на одмор, се решив за ова и не згрешив-одлично е!
Не мислев ни рецепт да пишувам, но восхитот од добиениот резултат е кривецот, па еве---
Ставете ги добро исчистените и измиени капини во тенџере на оган. Кога ќе се затоплат капините ќе пуштат сок. Со пасирка испасирајте ги колку покашесто можите. Варете повремено мешајќи додека ја добиете посакуваната густина. Додадете го шеќерот и повторно варете до посакуваната густина. На крај додадете го чоколадото искршено на коцки и сокот од лимонот, промешајте убаво да се растопи и тргнете го тенџерето од оган.
Во добро стерилизирани теглички сипете од врелиот пекмез, затворете ги и превртете ги 5 мин со капачката на долу да се вакумираат.
* Јас овде наместо обичен шеќер ставив шеќер со пектин 2-1 кој одговараше на килажата на овошјето, така да постапката за варење во овој случај кај мене се скрати во време.
** Капините ги оставив во гергеф да се цедат скоро цел ден. Иако не намерно, сепак тоа влијаеше исто така врз должината на варење. И овде постапката беше пократка.
*** Користев млечно чоколадо, но можи да употребите било кое ваше омилено или пак некое за готвење.