Испечати

Како да направите путер дома

Како да направите путер дома

Состојки

  • 1 1/2 литар слатка павлака со 35 % м.м.
  • 4 лажици кисела павлака
  • по желба сол

Подготовка

Ако сакате за доручек тостиран леб со свеж путер и мармалад, ова е рецепт за вас....
Воопшто не е тешко.
Во еден поголем сад за матење или во садот на стоечкиот миксер ставете ги ладната слатка и кисела павлака. Матете, прво со помала брзина, зошто прска, а откако ќе почне да се згустува со поголема. Смесата прво ќе се претвори во мек, па во цврст крем. Продолжете да матите додека не стани грубо грутчесто, па ќе изгледа дека повторно се соединила смесата, за на крај да се претвори во ситни жолтеникави грутчина и ќе се издвои беличаста течност. Кога ќе видите колку долго се мати (некаде околу 15 - 20 мин.) сетете се на стравот дека ќе си ја прематите павлаката за крем за торта....
Во поголемо сито ставете тенка кујнска крпа или неколку слоја газа, истурете ја згрутчената смеса, па стегнете ги краевите на крпата и добро, добро исцедете ја течноста која ќе ја собирате во еден сад.
На добро исцедениот путер дајте му форма по желба, ако сакате посолете го и оставете го во фрижидер до употреба.
Преостанатата течност може да си ја испиете или со нејзе да замесите кифлици.
Од наведените состојки мене ми испадна малку повеке од 500 гр путер и околу 800 - 900 мл млечна течност.