Црвенкапа торта
Состојки
- Тесто
- 100 гр. маргарин
- 150 гр. шеќер
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 3 јајца
- 150 гр. брашно
- 2 лажичиња прашок за печиво
- 3 лажици чоколаден крем
- 1 тегла компот од вишни
- Фил
- 500 мл. слатка павлака
- 3 пакетчиња кремфикс
- 500 гр. не солена урда
- 50 гр. шеќер
- 1 пакетче ванилин шеќер
- Прелив
- 2 пакетчиња црвен прелив за торти
- 50 гр. шеќер
- 400 мл. сок од компот од вишни
- За украсување
- 100 мл. слатка павлака
Подготовка
Првпат оваа торта ја пробав пред неколку години и од тогаш редовно ја подготвувам. Освежителна и лесна летна торта која ви ја препорачувам да ја пробате.
Вишните исцедете ги убаво, а сокот од компотот тргнете го на страна, ќе ви треба подоцна.
За подготовка на тестото најпрво изматете го маргаринот со шеќерот и ванилиниот шеќер. Додадете ги јајцата едно по едно, изматете убаво и додадете ги брашното и пецивото. Половина од тестото ставете го во подмачкано и побрашнето тавче бр.26, а во другата половина додадете го чоколадниот крем, измешајте убаво и расподелете го врз светлиот дел од тестото. Одозгора ставете ги вишните. Печете на 175 степени околу 40-45 минути. Откако ќе се испече, оставете убаво да се олади.
Слатката павлака изматете ја со кремфиксот. Во посебен сад, измешајте ја урдата со двата вида шеќер. Урдата додадете ја во слатката павлака и убаво измешајте.
Околу тестото ставете обрач и распоредете ја смесата со слатката павлака врз тестото. Ставете во фрижидер да се лади додека го спремате преливот.
За преливот, измерете 400мл. сок од компотот (дополнете со вода доколку ви недостасува од сокот) измешајте го со шеќерот и преливот за торти и варете додека да се згусне. Оставете кратко да се излади и потоа прелијте ја тортата одозгора.
Тортата оставете ја во фрижидер 3-4 часа да се лади . Отстранете го обрачот, украсете со слатка павлака и сечете парчиња по желба.