Пире од пченка со ќофтиња
Состојки
- Пире
- 500гр. пченка (од конзерва)
- 150-200мл. млеко
- 1/4 коцка маргарин
- по вкус сол и бибер
- Ќофтиња
- 500гр. мелено месо
- 1 главица кромид
- 1 чешне лук
- 2 парчиња леб
- по потреба млеко
- 3-4 лажици зејтин
- по вкус зачини сол, бибер, мешан зачин
- 1 гранче рузмарин
Подготовка
Малку невообичаен ручек, но верувам дека ќе ви се допадне. На почеток да си кажам дека почнав со 1 конзерва пченка, за проба нели =))) .. па по пробата утврдивме дека ни се допаѓа и набрзинка се направи уште.
1. Најубава ми е пченката од конзерва, па таа и ја користам. Ставете ја во сад на оган со дел од млекото и малку сол. Нека поврие кратко, па потоа скоро целата пченка ставете ја во блендер. Изблендираната смеса повторно вратете ја во садот, прилагодете ја густината со млекото, додадете го маргаринот и зачинете по вкус. Промешајте додека добиете убава смеса и тргнете од оган. Не е кремасто како тоа од компир, но е многу вкусно.
2. Ќофтињата всушност се по избор, може да си ги спремите на вашиот омилен начин. Покиснете го лебот со малку млеко и оставете убаво да впие. Кромидот и лукот ситно изрендајте ги и додадте кон месото. Потоа додаете ги и парчињата леб, но не ги цедете целосно, нека има и малку млеко .. ќе помогне за врзување на месото затоа што не се користи јајце. Зачинете си по вкус, додадете малку масло за да се добие убава смеса и потоа направете топчиња. (Би било убаво месото да се направи малку порано за да може убаво да се впијат зачините, но не е страшно и ако веднаш се подготви).
3. Загрејте ја убаво тавата за пржење, ставете малку зејтин и потоа едно по едно ставајте ги топчињата. Чешнете лук притиснете го со нож за да се отвори и ставете го цело во тавата заедно со гранче рузмарин. Додадете и малку путер во тавата и пржете додека добијат убава боја од сите страни.
Извадете, оставете малку да одморат и потоа послужете со пирето.
Добар апетит.