Испечати

Слатко од трендафили

Слатко од трендафили

Состојки

  • 100 гр, ливчиња од трендафил
  • 1200 гр. шеќер
  • 1 л вода, може и помалку
  • 3 лимони

Подготовка

Ова слатко го правев во мај, тогаш му е времето и е нешто преубаво... Сега знам зошто го памтам слаткото на баба ми...

Дојде некое ново време кога е реткост да се најдат некалемени трендафили, а и без отрови...
За ова слатко потребни се мајски некалемени трендафили со колку е можно помалку третмани за опстанок.
Може само розеви, а може и црвени, јас направив мешано и сеуште не можам да поверувам колку е убав спектарот од бои кои се прелеваат од розе преку килибар, до црвено...

1. Отстранете им ги дршките и средината, измијте ги, еден дел од ливчињата исечете на парченца
2. Ставете ги да се варат до 20 минути
3. Додадете го шеќерот и сок од лимони
4. Веднаш ќе почне да се менува бојата штом го додадете шеќерот и лимоните. Варете на тивко, отстранувајте ја пената.
5. Кога шербетот ќе почне да се влече како конец, додадете уште еден лимон и слаткото е готово...
6. Сипајте го во врели тегли и затворете ги

Мирисот на трендафилите од едно друго време, засекогаш ќе биде дел од нас и затоа ова слатко кое нé потсетува на тоа време, треба да го сочуваме од заборавот.
Порано немало лимони како денес, се користел лимонтусот.
Јас секогаш ставам лимони, ретко користам лимонтус, одберете сами.
Ова преубаво слатко доколку можете, нека секој мај ви биде на трпезата, барем колку за убавите спомени...