Киршмихел
Состојки
- 1кг. цреши или вишни
- 200 гр. бел тост леб
- 200 мл. млеко
- 4 јајца
- 100 гр. шеќер + 25 гр.
- 100 гр. маргарин + 25 гр.
- Ванилин сос
- 500 мл. млеко
- 1 жолчка
- 1-2 лажици густин
- 2 пакетчиња бурбон ванила
- 1 лажица шеќер
Подготовка
Уште еден стар, традиционален германски десерт кој најчесто се подготвува во јужниот дел на Германија. Во многу фамилии, после предјадењето, Киршмихел го служат традиционално како главен оброк.
Подготовка
Црешите или вишните исчистете ги од семките. Јас користев вишни од компот за да го избегнам долгото чистење на истите. Лебот заедно со корката исечкајте го на мали коцки, ставете го во еден длабок сад и потурете го со млекото. Измешајте убаво, за целиот леб убаво да се натопи. Во друг сад изматете го маргаринот и шеќерот. Додадете ги жолчките една по една. Убаво изработете ги па додадете го и натопениот леб. Повторно изматете добро, и на крај додадете ги белките кои претходно сте ги изматиле со прстофат сол, во цврст снег. Измешајте со жица за матење. Намастете една керамичка тава (или огноотпорна тава) и посипете ја со лебни трошки. Истурете една половина од смесата во тавата, ставете ги црешите или вишните и турете ја одозгора и другата половина од смесата. Печете на 175°С околу 50-55 минути. На десет минути пред крајот ставете ги останатите 25гр. маргарин одозгора (поделен на мали парченца) и 25гр. шеќер.
Подготовка на ванилиниот сос
Во едно тенџере ставете 450мл. млеко да се вари. Додадете ја бурбон ванилата, прстофат сол и 1 лажица шеќер. Во друг сад, ставете ги останатите 50мл. млеко, жолчката и 1-2 лажици густин (во зависност од тоа колку сакате сосот да биде густ) и убаво изматете со жица за матење. Кога млекото ќе зоврие, тргнете го на страна и додадете ја смесата со густинот. Убаво промешајте и вратете го сосот повторно на оган да се довари. Мешајте непрестано и штом ќе почне да врие веднаш тргнете го на страна.
Овој десерт или оброк се служи топол, најдобро веднаш штом се испече и тоа во комбинација со топол ванилин сос. Спојот со бел леб создава едно лесно „суфле„ кое може да се послужи и во топлите летни денови.
Добар апетит!