Испечати

Сладолед од три дела

Сладолед од три дела

Состојки

  • 2 шлаг пени
  • 250 мл млеко (количина пропишана според упатството од амбалажа)
  • 2 јајца
  • 8 лажици шеќер
  • 3 лажици какао
  • 1 рака печени сецкани бадеми

Подготовка

Сладоледот на моето детство.
Ова е еден убав праисториски рецепт за домашен сладолед, кој би требало барем еднаш да го пробате во текот на претстојното лето, но ако ме прашувате лично мене?!
За мене не постојат сезони за сладолед, сладолед се јаде во секое годишно време!

За подготовка ви се потребни 3 сада за матење и еден сад за замрзнување (од околу 1500-2000 мл. мислам дека ќе ви биде доволен).

Скршете ги јајцата и поделете ги белките од жолчките. Ставете ги посебно во садовите за матење!

1. Изматете ги белките во снег постепено додавајќи 4 лажици шеќер.

2. Изматете ги и жолчките постепено додавајќи 4 лажици шеќер.

3. Изматете ги двете кесички шлаг пени со млекото. Количината на употребеното млеко зависи од тоа колку е пропишано на упатството кое го има на секоја амбалажа.

4. Снегот од белките го мешаме со снегот од шлаг пените.

1/3 од белата смеса веднаш ја ставаме во садот за замрзнување и наросуваме со печени сецкани бадеми.
Пластичната кутија јас претходно ја ставам во замрзнувач, така првиот слој побрзо ќе се стегне.
Ја враќаме кутијата назад. Треба да отстои барен 10-15 минути за да не ни се мешаат слоевите.

Втората третина ја додаваме во смесата од жолчките, а во последната третина какаото.
Секоја смеса треба да се измеша убаво.

Над белиот слој, го додаваме кафеавиот, повторно наросуваме печени сецкани бадеми и го враќаме садот уште 10-15 минути да се стегне.

На крај над кафеавиот слој го ставаме жолтиот, посипуваме со преостанатите бадеми и го ставаме да се смрзне целосно.

НАПОМЕНА
Најдобро е да се прави претходниот ден, да си одлежи убаво на ладно или пак наутро за да се сладите навечер.

Во сладоледот не се формираат кристали, со оглед на тоа што нема вода, а јајцата и шлагот му даваат кремаста структура.

Количината на какао која ви ја наведов, по мој вус е некако премногу, но доколку го сакате интензивниот вкус на чоколадо, слободно ставете ја цела доза. Ако пак, не доволни се 1-2 лажици, колку да има поразлична боја и малку шмек на чоколада.
Во секој случај користете квалитетно какао!!!

За сервирање нема потреба од претходно одмрзнување, бидејќи сладоледот брзо попушта.
Се со цел да се гледаат сите три слоеви, наместо да правите топчиња со лажица за сладолед, исечете го со нож на помали или поголеми коцки!