Проја колач со фил
Состојки
- Тесто
- 4 јајца
- 4 чаши кисела вода
- 3 чаши зејтин
- 3 чаши бело брашно
- 4 чаши пченкарно брашно
- 1 пециво
- по вкус сол
- Фил
- 400гр. сирење
- 2 јајца
Подготовка
Пројата се подготвува скоро во секој дом и секој си има свој начин и рецепт. Еве го и мојот рецепт, се надевам ќе ви се допадне.
1. Во поголем сад скршете ги јајцата, додадете малку сол и водата и зејтинот и убаво промешајте. Во водените состојки додадете ги двата вида брашно и пецивото, измешајте за да нема грутчиња и да добиете убава мазна смеса и готови сме.
2. Вообичаено во смесата додавам сирење, но сега решив малку да сменам, а вие може по желба. Во намрсен плех бр. 40 ставаме малку повеќе од половина од смесата и ставаме да се запече во претходно загреана рерна на 220С. За тоа време подгответе го филот, сирењето изгмечете го со вилушка, додадете ги јајцата и ако има потреба и малку сол. Кога ќе се запече горниот дел извадете од рерна, внимателно распоредете го филот па од горе сипете го останатиот дел од смесата и израмнете. Наросете со сусам (ким,мак,лен) или оставете така. Вратете во рерна и печете прво на 220С, а потоа намалете на 180С.
Оставете малку да се излади, исечете на парчиња и послужете со јогурт.
Добар апетит.
*Чашата е од 200мл., но може да користите било каква само да мерите се со истата. Исто така да напоменам дека никогаш не ставам полни чаши зејтин, па отприлика би дошло малку повеќе од 2.