Испечати

Зелка манџа

Зелка манџа

Состојки

  • 1 - 1,2 кг главица зелка
  • 400 гр свинско месо (врат, плешка, ребро)
  • 2 средни главици кромид
  • 3 - 4 моркови
  • 1 пиперка
  • 1 домат
  • 1 лажичка црвен пипер
  • 1 лажичка мешан зачин
  • 1 лажичка сол
  • по вкус бибер
  • малку масло
  • 100 мл вода

Подготовка

Прво да кажам дека ова е едно од моите омилени јадења. Кога ќе кажам многу луѓе се чудат, но тие не ја пробале мојата зелка. Зборот „манџа“ е вклучен во името само да биде појасно, но ова не е класична манџа бидејќи се јаде со вилушка.

Зелката се сече на покрупни парчиња кои се редат во еден слој на дното на тенџерето. Над првиот слој зелка се реди месото исечено на парчиња. Пожелно е месото да не е посно, зошто зелката трпи помасно, а може да се стави и димено месо. Потоа се става кромидот исечен на полумесечинки, морковот исечен на подебели кругови, пиперката на полукругови и доматот исечен на коцкички. Се ставаат зачините и над се` се реди уште еден слој од покрупно исечени парчиња зелка. Одозгора се става маслото и се налева водата. Јас ставам вода само колку да не загори зелката на почетокот кога почнува готвењето. Тенџерето се затвора со капак и се става на силен оган додека не проврие, а потоа се намалува температурата и се крчка на многу тивко околу 3 часа.

Идеално би било готвење во Гурмет пекачот на програмата за бавно готвење.

Пријатен апетит!