Испечати

Џем од цреши

Џем од цреши

Состојки

  • 1/2 кгр. цреши
  • 200 гр. шеќер
  • 1 лимон
  • 1 стапче цимет
  • 1/2 мешунка ванила

Подготовка

Трета година како го спремам овој џем и ќе ми остане фаворит, ова по рецепт на пријателката Дајана која навистина ги прави така да кога се еднаш проба - останува засекогаш. Денес правев, ајде вие побрзајте додека има цреши.
Значи вака
1. Исчистете ги црешите од семките, исечете на половина. (во оваа постапка може веднаш да се сечат и истовремено да се вадат семките, да не е дупла работата)
2. Посипете ги со шеќер и оставете во фрижидер да одстојат 12 часа повремено промешувајки ги.
3. Прецедете ги.
4. Ставете на тивко да се вари сокот кој сте го добиле се додека не забележите дека е доволно густ- околу 20 минути.
5. Во мегувреме излупете ја тенко кората од лимонот, но да остане белиот дел испод неа ( ова ќе послужи како пектин), исцедете го сокот од лимонот и додадете кај исечените цреши. Мешунката од ванила до половина расечете ја на средината, отворете и со тапиот дел од ножот истругајте го семето - додајте кај исечените цреши.
6. Кората и семките од лимонот, празната мешунка од ванилата и стапчето цимет заврзете ги во газа.
7. Кога сокот од црешите кој го варите дошол до фаза кога веке ќе почне да се карамелизира ( но само што почнал) додадете ги црешите, ставете ја газата во која веке сте врзале предходно опишаното, оставете нека вари околу 10 мин. Ќе проверувате за густинат, не смеете да преварите бидејки ќе стане многу густо. Пред да го тргнете од оган, извадете ја газата, потпрете ја на зидот од касеролата и стиснете со лажицата да истискате целиот сафт што навлего за време на варењето. Само уште 1-2 нека проврие, готово е, тргнете, соберете го врело во стерилизирани тегли, завртете да лежат со капакот надоле и чекајте нека оладат до наредниот ден.

Забелешка
Како што читате, овој рецепт се однесува за 1/2 кгр. цреши. Доколку спремате повеќе, тогаш секако дека треба да дуплирате сите состојки.
Овде лимонот ја игра големата улога, белиот дел испод кората го прави природниот пектин и нема потреба да се додава желин. Циметот и мешунката ванила си го прават своето на вкусот, фантазија...
Од оваа количина на состојки наполнив една тегличка од 300 мл.