Леб со зелен песто
Состојки
- 800 гр. брашно
- 3 пакетчиња сув квасец
- 500 мл. вода (или по потреба)
- 2 лажички мед
- 4 рамни лажички сол
- 100 мл. маслиново масло
- 2 лажици мешани италијански зачини
- 1 чешне лук
- 6 лажици зелено песто
Подготовка
Во длабок сад ставете го брашното, квасецот, медот и солта. Постепено додавјате млака вода и месете додека не добиете убаво, мазно тесто кое не се лепи. Покријте го садот со крпа и оставете тестото на топло место да стаса (околу 30 мин.).
Во маслиновото масло ставете ги зачините и лукот и убаво промешајте.
Тестото поделете го на два еднакви дела и потоа секоја половина поделете ја на 1/3 и 2/3. Во помалиот дел ставете по 3 лажици песто (можете во едниот зелено, а во другиот помал дел црвено песто да ставите) и убаво измесете.
Во месењето додавајте по малку брашно за убаво да се спои тестото со пестото. Од поголемите делови тесто, расукајте правоаголни кори (1см. дебели). Деловите со песто исто така расукајте ги во правоаголни кори и ставете ги врз другите две теста. Завиткајте ги во ролати. Ставете во подмачкана тава и засечете ги на косо на повеќе места. Премачкајте ги со смесата од маслиново масло и зачини. Оставете да стасаат (околу 20 мин.) и печете околу 30-тина минути на 200 степени.
Со овој леб послужете вкусно и свежо спремено аиоли.
Пријатен апетит!
Во рецептот по кој јас го спремав овој леб, стоеше 2 пакетчиња свеж квасец. Јас се одлучив за сув квасец бидејќи на оваа количина брашно и толку свеж квасец, се чувствува мирисот на квасецот. На оние на кои тоа не им пречи, може да спремаат со свеж.