Басмати ориз со зеленчук и сурими
Состојки
- 1 филџан басмати ориз
- 2 филџани вода
- 1 коцка за супа
- 1 средна тиквичка
- 2 зелени пиперки
- 2 средни моркови
- 300 гр печурки
- 50 гр печеница
- 150 гр доматно пире или доматен сос
- 250 гр замрзнати сурими стапчиња
Подготовка
Басмати оризот е индијска сорта на ориз со долго и тенко зрно, за разлика од нашиот Кочански ориз не содржи толку многу скроб, зрната не се лепливи, брзо се вари и е идеален за рижото. Кај нас можете да го најдете во поголемите, поснабдени маркети.
Најидеална подготовка за овој вид на ориз е следнава
Оризот најпрво измијте го со ладна вода. Плакнете го 3 пати додека водата не стане чиста. Потоа ставете го во сад и залијте го со вода. Оставете го да одстои така 15 минути. За тоа време ставете 2 филџани вода да зовриат. Додадете и една коцка за супа и ставете го исцедениот ориз, кој малку ке набабри. Варете така 5 минути и намалете ја температурата, поклопете го тенџерето со капак и оставете го оризот да се вари уште 15 минути, без да го мешате. Оризот ќе ја впие целата вода, а зрната ќе останат цели и не залепени.
За додатокот ставете ги исечени на коцки морковите и тиквичките да се пржат во вок тава, додадете ги и исечените пиперки и печурки и пржете додека не омекнат. За мирис додадете малку ситно сечкана димена печеница и на парчиња исечени сурими стапчиња ( направени од мелена риба, ги има во маркетите во замрзната форма). динстајте ги сите состојки и додате го доматното пире со малку вода. Посолете, наросете бибер и малку куркума. Овој додаток ставете го врз варениот басмати ориз и врз него нанесете по желба малку соја сос. Добар апетит!