Лиснато тесто две во едно
Состојки
- тесто
- 1кг и 400 грама наменско брашно
- 40 грама свеж квасец
- 3 јајца
- 550-600 мл млеко
- 125 мл јогурт
- 1 прстофат сол
- 5 лажици зејтин
- за премачкување на корите
- 100 грама маргарин ( на собна температура)
- околу 15 грама маргарин за подмачкување на плекчињата
- фил 1
- околу 400 грама мелено месо
- 1 лажичка сол ( мешан зачин,црн бибер,оригано)
- 1 главица кромид
- 5 - 7 лажици зејтин
- фил 2
- околу 350 грама чоколаден крем ( мармалад)
- за премачкување
- 2 жолчки со 1 лажичка зејтин ( ким или сусам и малку сол за посипување одозгора
Подготовка
Минатата година некаде во септември месец овде споделив рецепт за риба погача со лиснато тесто. Со овој рецепт што на прв поглед можеби ќе изгледа слично (само постаспката на приготвување на тестото е на ист начин и филот, кој може да биде и по вкус, не мора стриктно да биде со мелено месо, може да се направи фил и од сирење со јајца или комбинација на сувомесно и кашкавал) делува исто како рибата погача, сепак битно се разликува по состојките, а најмногу по вкусот и мекоста на овој рецепт за лиснато тесто што во продолжение ќе ви го презентирам.
Кромидот го сецкаме ситно и со зејтинот го запржуваме додека зарумени. Го додаваме месото и солта и пржиме уште неколку минути. Потоа ги додаваме останатите зачини, пржиме уште десетина минути (зачинете по вкус количина).
Квасецот го раствораме во дел од млекото, брашното го просејуваме во сад за месење. Од потребните состојки за тестото месиме средно меко тесто. Го делиме тестото на два еднакви дела. Расукуваме правоаголна кора, ја премачкуваме со маргарин, ја преклопуваме на внатре како на една од сликите. Пак премачкуваме со маргарин и во најлон го оставаме во фрижидер 20 минути. Постапката ја повторуваме и со другата кора.
Ја вадиме првата кора од фрижидерот, расукуваме кора и ја повторуваме постапката како првиот пат. На ист начин ја спремаме и втората кора. Ги оставаме пак во фрижидер да одстојат 20 минути и двете теста ги делиме на по 2 дела односно добиваме 4 кори. Од првите две расукуваме правоаголни кори (дебелина на кората околу 4 цм) како што се гледа на сликата со филот сечеме коцки, ставаме од филот со месото. Ги преклопуваме деловите дијагонално еден со друг крај на тестото. Ги редиме коцките на подмачкано плекче со маргарин и ги оставаме да стасаат. Пред да ги печеме ги премачкуваме со жолчката, посипуваме со сол и ким одозгора.
Рерната ја уклучуваме на 200 степени првите дестина минути, потоа намалуваме на 170 - 180 степени. Печеме околу 20 минути.
За благите кифли второто тесто го делиме на два дела, расукуваме кора, сечеме на триаголници број по желба, филуваме со крем или мармалад. Засукуваме кифла теглејки го тестото со едната рака и ги ставаме во плекче. Ги оставаме да стасаат и пред печење ги премачкуваме зо жолчка. Печењето на кифлите е на ист начин како кај коцките со месото. Мислам дека овде веќе сум препознатлива по честото експериментирање со теста, така беше и со ова лиснато тесто. Кога ги испеков ми дојдоа соседи на кафе, го пробаа и многу им се допадна.
Тестото е крцкаво, меко и вкусно. Се надевам дека ќе сака некој да го испроба, јас ви го препорачувам слободно да го направите. Ви посакувам пријатен доручек или вечера.