Пржени ромбови со сурутка (цвика)
Состојки
- 3 јајца
- 250 мл. кисело млеко
- 100 мл. пресол (цвика) од сирење или урда
- 30 гр. свеж квасец
- 1 лажичка шеќер
- 30 мл. зејтин
- 1 лажичка сода бикарбона или пециво
- за да се добие меко тесто брашно
Подготовка
- Квасецот измешајте го со 3-4 лажички кисело млеко, шеќерот, малку брашно и чекајте да се запени.
- Во друг сад измешајте ги јајцата, остатокот од киселото млеко, пресолот од сирењето, зејтинот - додајте го стасаниот квасец. Измешајте да се изедначи.
- Содата измешајте ја со брашното и постепено додавајте на смесата. Измешајте и додавајте брашно се додека не добието фино меко тесто.
- Оставете го да стаса, а во меѓувреме (помини - замини) пробркајте го и пак нека продолжи да стасува.
- Стасаното тесто истурете го на намрснета површина, намрснете си рацете и тестото, растегнете го тапкајки со рацете по него. Откако сте го растегнале во дебелина околу 1 см. исечете го на ленти, па на ромбови.
- Додека целото тоа го направите, веќе може да ставите зејтин да се грее и да пржите од двете страни.
Тестото е со чуден вкус, убав - се служат со благо и солено.
Совет
- Не напишав количина на брашно затоа што секогаш различно е, зависи од самото брашно
- Тестото треба да е меко, го бркам со лажица - како за мекици.
- Не ги пржам во длабок зејтин, ставам малку повеке зејтин, но не можам да кажам дека е тоа длабок зејтин. Ги пржам на не многу јак оган.
- Да напоменам дека јас почнувам да пржам ромбови - хихи, а завршувам со земање на тестото, тегнење на рака и пржење како пишии. Оваа цела доза од рецепта ако месите има бајаги време да пржите, многу излегуваат ромбови - ако се одлучите за половина доза - јајцето ќе ве збунува нели? Слободно си ставете 1 јајце, ништо не им фали, секогаш успеваат.
- Јас стално месам теста со сурутката - пресолта или цвика по нашки овде - како ли да ја наречам, се сука одлично и вкусот е невозможно добар, а исто така таа се и пие...
Касно навечер беше кога ги спремав, слики се толку, остатокот од батеријата ја чував токму за финалната слика и дел од постапката остана не сликана.