Лазања торбички со сланина и млад кромид
Состојки
- 250гр. лазањи
- 200гр. чадена сланина
- 2 млади кромидчиња
- 50гр. пармезан
- Бешамел
- 30гр. путер
- 30гр. брашно
- 400мл. млеко
- по желба морско оревче
- За премачкување
- од бешамелот
- 2 лажици пармезан
Подготовка
За промена на класичниот начин на подготовка на лазањи, еве од мене еден предлог.
Парчињата лазањи исечете ги на поголеми квадрати и ставете ги во топла вода да отстојат 10-тина минути.
Во меѓувреме пропржете ја чадената сланина, а потоа извадете ја на кујнска хартија да се впие вишокот мрснотија.
Во истата тава во која е пржена сланината испржете го малдото кромидче со додавање на малку топла вода.
Во тенџере на оган ставете го путерот да се растопи, па додајте го брашното. Пропржете и додајте го стопленото, но не и зовриено млеко и наросете малку морско оревче.
Мешајте континуирано додека бешамелот се згусти.
Од спреманиот бешамел, одвојте малку за премачкување на торбичките, а во остатокот додајте ја пржената сланина, младиот кромид, и 50гр. пармезан.
Убаво измешајте.
Обарените лазањи исушете ги во крпа или кујнска хартија.
На секој квадрат лазања ставете од филот, дијагонално поврзете ги краевите. На местото каде се спојуваат четирите краја затворете со чепкалка.
Сите обликувани лазањи премачкајте ги со бешамел, наросете пармезан и ставете ги во плех обложен со хартија за печење.
Печете на 200 степени 15-20 минути.