Испечати

Цветови кифли печени на сол

Цветови кифли печени на сол

Состојки

  • тесто
  • 715 грама наменско брашно тип 400
  • околу 50 грама пченкарно брашно
  • 3 јајца
  • 350 мл млеко
  • 50 грама маргарин
  • 40 грама свеж квасец
  • 1/2 лажичка адитив панко
  • 2 лажички сол
  • 1 лажичка шеќер
  • фил
  • околу 400 грама сирење
  • за премачкување
  • 2 јајца ( само жолчките со малку зејтин)
  • 1 лажичка сол ( за посипување на дното на плекчињата и одозгора врз кифлите
  • 0колу 20 грама сусам и ( малку црвен пипер)

Подготовка

Сирењето го сецкаме на ситни коцкички. Во мал дел од топлото млеко го раствораме квасецот. Брашното го сееме во садот за месење. Во остатокот од стопленото млеко го раствораме маргаринот кој претходно го вадиме од фрижидер на собна температура. Со квасецот, млекото брашното и останатите состојки потребни за тестото замесуваме средно меко тесто, кое го оставаме да стаса околу 40 минути.

Плекчињата ги подмачкуваме со маргарин и посолуваме насекаде со малку сол. Кога тестото е стасано од него кинеме топчиња, по 2 за една кифла (цвет) од кои едното треба да биде поголемо другото помало за средината на цветот.
Големината можете да ја направите по желба, зависно дали сакате помали или поголеми цветови. Од поголемото топче расукуваме коричка со дебелина околу 3 мм, радиус на коричката ширина околу 5 прста. Со нож засекуваме од крајот на кората накај центарот на кругот,  само не до крајот туку како што се гледа на една од сликите. Кругчето го делиме на 6 еднакви дела. Го ставаме помалото топче на средина и со помош на врвот од цедалка за лимон притискаме на средината на топчето.Ставаме од сирењето на средината и на секое засечено делче од кората или преку едно, односно на 3. Јас правев и на двата начини или по ваша желба. Секое делче го залепуваме до топчето како што се гледа на една од сликите (сликата е заматена ама немав друга, се надевам дека доволно се гледа).
Со помош на лажица (лопатка за послужување на торта ) ги префрламе кифлите на плекчето. Ги оставаме кифлите да стасаат. Кога ќе стасаат деловите од кифлите што се споени со топчето ќе се отворат и наликуваат на цвет, барем на мене така ми личат, затоа и така си ги нареков.
Кога се стасани на средината малку притискаме да не излезе сирењето, ги премачкуваме со жолчката која со вилушка ја матиме со зејтинот. Одозгора ги посипуваме со малку сол и сусам по вкус.Ставаме и по малку црвен пипер. Ги печеме на температура од 200 степени, првите десетина минути потоа ја намалуваме на околу 170 -180 степени.
Кифлите ги печеме околу 25 минути додека да добијат убава жолто црвена боја. Кога се испечени ги вадиме од рерна и ги покриваме со чаршавче да истинат и омекнат. И овие кифли се благодарение на моето често експериментирање со тесто, резултатот беше вкусни, меки, крцкави кифлички. Ние ги јадевме уште додека беа топли. Се надевам дека овие кифлички ќе ви се допаднат и ако сте љубители на тесто како мене ќе ги пробате. Ви посакувам добар апетит.