Пудинг торта со мармалад од јагоди
Состојки
- Тесто
- 5 јајца
- 5 лажици шеќер
- 5 лажици брашно
- Фил
- 2 пакетчиња пудинг со вкус на јагоди
- 600 мл. млеко
- 2 лажици шеќер
- 200 гр. маргарин
- 100 гр. шеќер во прав
- 3 лажици мармалад од јагоди
- За украсување
- 200 мл. слатка павлака
- неколку јагоди
Подготовка
Тесто
Убаво изматете ги јајцата и шеќерот. Матете се додека да се стопи шеќерот. Додадете го брашното на крај. Смесата истурете ја на пек хартија во подмачкана тава бр.26. Печете на 180 до 200° во зависност од рерната околу 15 до 20 минути. Оставете го тестото малку да се олади и потоа извадете го од тавата и ставете го на тацна. Кога убаво ќе се излади, пресечете го на пола, да добиете две кори.
Фил
Сварете 500 мл. млеко со 2 лажици шеќер. Во останатите 100 мл. млеко растопете ги пудинзите. Кога ќе зоврие млекото со шеќерот, ставете ги пудинзите да се сварат. Ќе добиете доста густа смеса. Оставете убаво да се олади.
Маргаринот и шеќерот во прав пенасто изматете ги. Оладениот пудинг додадете го во маргаринот и се убаво изматете.
Првата кора намачкајте ја со мармаладот од јагоди и ставете половина од филот. Ставете ја и другата кора и филувајте со останатиот фил.
Слатката павлака изматете ја убаво и со неа украсете ја тортата. За декорација може да ви послужат и неколку јагоди.
Рецептов е стар преку 40 години. Баба ми ни ја правеше тортава обично за родендени кога бевме деца (понекогаш ги менуваше вкусовите на пудинзите) и тоа тогаш не само што беше гозба туку и неизмерна детска радост.