Испечати

Прекмурска гибаница

Прекмурска гибаница

Состојки

  • 10 кори
  • Фил 1
  • 300гр. мелен афион
  • 5 лажици шеќер
  • 1-2 ванили (по вкус)
  • 150мл. млеко
  • Фил 2
  • 600гр. несолена урда
  • 150мл. слатка павлака
  • 1 јајце
  • 100гр. суво грозје
  • 3 лажици рум
  • 2 лажици шеќер
  • Фил 3
  • 250гр. мелени ореви
  • 250мл. млеко
  • 5 лажици шеќер
  • 2 ванили
  • Фил 4
  • 600гр. исчистени јаболки
  • 4-5 лажици шеќер
  • 1 лажиче цимет
  • кора од 1 лимон
  • За попрскување
  • по потреба маргарин и масло (пола - пола)
  • За преливање
  • 150мл. слатка павлака

Подготовка

Рецептов пристигна директно од Словенија, нивни традиционален и застапен во сите ресторани. Не дека ние немаме избор на десерти, но ете сакам малку да сменам за празниците и да пробам нешто сосем ново. Замолив пријателка да ми даде рецепт, а потоа и побарав на интернет, па од сето тоа излезе и мојот рецепт. Инаку во рецептите кои ги имав количините беа помали, јас ви пишувам како што подготвив, прилагодено на тавче бр. 40. Пред да почнам и со подготовка да кажам дека кај нив најчесто и тестото се подготвува, односно е влечено тесто, но како алтернатива во некои од рецептите имаше и со кори па се одлучив како за прв пат да правам така.

1. Афиновото семе се меша со шеќерот и ванилите, а потоа се попарува со млекото. Се промешува и се трга на страна.
2. Користев блага урда (односно не солена, но може да си користите и некоја замена доколку сакате). Убаво се мати со миксер за да се разбијат грутките, потоа се додава шеќерот и јајцето и се мати додека да добиете убава смеса. Потоа ја додавате и слатката павлака (не матена) и матите кратко да се соедини. Сувото грозје претходно покиснете го во румот, а потоа додадете го кон смесата и со лажица промешајте. Тргнете на страна.
3. Оревите се мешаат со шеќерот и ванилата, а потоа се попаруваат со млекото (исто како филот со афион). Промешајте и тргнете на страна.
4. Јаболките крупно се рендаат, се додава шеќерот, циметот и кората од лимон и се промешува. (Додека да почнам со филувањето јаболките ми пуштија доста течност, малку процедив, а потоа додадов и 1 полна лажица презла).
5. За смесата за попрскување од прилика ќе растопите малку маргарин, а потоа ќе додате масло. Ако не ви стигне до крај ќе додадете по потреба.
6. Тавчето се намрсува, а потоа се става 1 кора (ќе ја превиткате за да се израмни), се попрскува и се става уште една кора (превиткана од спротивната страна, па така ќе ви дојде како да има 3 кори). Повторно се попрскува и се филува со Фил 1. Повторно 2 кори па Фил 2 и така до крај.
Последната кора ја попрскувате, а потоа со вилушка ја прободувате целата гибаница од горе до доле.

На крај преливате со слатката павлака и ставате да се пече во претходно загреана рерна на 180С, еден час.
Проверувајте ја почесто и ако почне да потемнува покријте со алуминумска фолија. Пред крај тргнете ја фолијата за да добие убава боја.
Сечете на коцки, наросете шеќер во прав и служете.

Добар апетит.