Виножито мафини со пудинг
Состојки
- 200 гр. брашно
- 1 пакетче пудинг со вкус на ванила
- 1 прашок за пециво
- 150 гр. шеќер
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 200 гр. маргарин
- 3 јајца
- 100 мл. млеко
Подготовка
Мафиниве ги правев по желба на синчето, кој посака да му направам благо и шарено изненадување.
Стевете ги сите состојки (освен боите) во еден сад и изматете убаво со миксер. Нема потреба прво јајцата и шеќерот да ги матите, слободно изматете се заедно. Треба да добиете убава кремасата смеса.
Поделете ја смесата подеднакво во длабоки тањирчиња, во зависност од тоа колку бои ќе користите. Јас, еден дел од смесата ја оставив необоена, а во другите делови ставив портокалова, црвена, сина, зелена и виолетова боја. Измешајте ги боите и започнете да си играте!
Во калапите за мафини ставајте по четврт лажица од секоја боја. Редоследот на боите кај мене е следниов ~ сина, виолетова, зелена, црвена, портокалова, жолта (смесата во која нема прехрамбена боја) и обратно. Можете и други шари да правите како на пр. мармор.
Се печат на 180 степени 20 до 25 минути.
Кога ќе се испечат, оставете малку да се оладат во калапите, а потоа внимателно извадете ги од нив и украсете по желба.
Меки, сочни, се топат во уста! Наредниот ден тестото е уште посочно (јас правам дупла доза за да издржат до наредниот ден).
Добар апетит!