Табуле (либанска салата) и Фалафел ќофтиња
Состојки
- Табуле
- 100 гр булгур (дробена пченица)
- 1 китка магдонос
- 3-4 гранчиња нане (само листовите)
- 3 средни домати
- 1 помала краставица
- 2 млади кромитчиња
- 2-3 лажици маслиново масло
- по потреба сол
- по потреба лимонов сок
- Фалафел ќофтиња
- 200 гр сурова леблебија
- 2 средни главици кромид
- 2-3 чешниња лук
- пола китка магдонос
- 2 лажици брашно
- пола лажиче мелен ким
- пола лажиче црвен пипер (може и лут)
- по потреба сол и бибер
- ако имате коријандер
- 1 лажиче прашок за пециво
Подготовка
За Табуле салатата прв прочитав на еден наш блог за храна и одма ми фати око. Состојките се типични за нашето поднебје иако потекнува од Либан, а се јаде во сите арапски земји. Одлично одговора со фалафел ќофтињата. Добивате целосен оброк кој е лесен, но долго ќе ве држи сити (барем така беше во мојот случај) и е совршен за летните горештини.
Салатата трпи измени и може да ја зголемите или намалите количината од некоја состојка, па дури и да ја изоставите. Пак ќе биде супер. А за ќофтињата има многу рецепти, но тука ќе ви кажам како ги спремам јас.
За подготовка на Табуле салатата
1. Булгурот ставете го во сад и полијте го со една и пол чаша жешка вода. Оставете го 2-3 часа да набабри и омекне. Мојот беше готов за 2 часа. Немав искуство со подготвување на булгурот и мислев дека ќе ја впие целата течност, но тоа не се случи, па ја исцедив.
2. Доматите и краставицата исечете ги на мали коцкички, а кромитчињата на тркалца. Магдоносот и нането исто така ситно исечкајте ги.
3. Помешајте ги булгурот и исечканиот зеленчук, ставете го маслиновото масло и зачинете со сол и сок од лимон. Се промешајте и уживајте.
За подготовка на Фалафел ќофтињата
1. Леблебијата прелијте ја со студена вода (нека има барем дупло повеќе вода од леблебија) и ставете ја да преноќи во фрижидер. Следниот ден исцедете ја и измијте ја.
2. Во сецко ставете ја леблебијата, кромидот, лукчињата и магдоносот. Се исетнете, но не да стане каша. Структурата треба да биде зрнеста.
3. Извадете ја смесата од сецкото, ставете го брашното, прашокот за пециво и зачините и се измешајте. Формирајте ќофтиња со дијаметар околу 4 см и ставете ги во длабоко масло да се пржат. Кога ќе се зацрвенат од сите страни извадете ги на хартија да се впие вишокот маснотија. Од оваа смеса мене ми излегуваат околу 18 ќофтиња.
Пријатен апетит!