Испечати

Бел џигер во зеленчукова корпа

Бел џигер во зеленчукова корпа

Состојки

  • 500гр свински бел џигер
  • 2 ловорови листа
  • 1 полна лажица црн бибер мелен
  • 2 лажици мешан зачин
  • 1 лажица сол (во варењето )
  • 1 -2 лаж. свинска маст
  • 10-15 перца од млад кромид
  • 5-6 ливчиња марула
  • 6 стапчиња за ражничиња ( се кршат на пола да испаднат дванаесет )
  • 3 лимони
  • 250 гр. вода

Подготовка

Еве еден рецепт кој што многумина во Велес го подготвуваат. Но да биде малку поразлично, јас денес решив да направам една корпа во која ќе го сместам приготвениот џигер.
За почетокот на рецептов потребно е белиот џигер да го ставиме да се вари заедно со ловоровиот лист, солта и вода колку да го покрие.
Оставаме да се вари се додека не омекне убаво.
Потоа го вадиме од водата во која се варел и на даска за сечкање го сецкаме на мали парченца.
Така приготвениот џигер го редиме во тава. Посолуваме со мешан зашин и додаваме црн бибер.
Додаваме вода и 1 до 2 лажици свинска маст (растопена.)
Промешуваме и ставаме да се пече.
Во текот на печењето промешуваме неколкупати.
Додека џигерот се подготвува, јас почнав со подготовка на корпата во која ќе го сервирам џигерот.

Ги преполовив трите лимони и ги наредив во круг.
За сигурност ги прицврстив со чепкалки.
На лимоните ги прицврстив стапчињата за раженчиња.
Потоа со помош на зелените перја од младото кромидче, почнав да ја оформувам корпата, плетејќи ја околу стапчињата.
Откако ја сплетов корпата, внатрешноста ја послав со листови марула и го додадов готовиот џигер.
Од надворешната страна декорирав со кругчиња краставица.
Интересно и необично изгледа на сервираната маса.
Пријатно беше изненадувањето кое им го приредив на моите дечиња.
На здравје