Карамел чоколадна баклава со презла
Состојки
- 1/2 кг. кори за баклава
- - Фил
- 300 гр. мелени ореви
- 100 гр. грубо рендана чоколада за говење
- 100 гр. грубо рендана млечна чоколада
- 4 лажици презла
- - За полевање на баклавата пред печење
- 100 мл. зејтин
- 70 гр. маргарин
- - За шербет
- 800 гр. шеќер
- 600 гр. вода
- 1 ванила
- - За глазура
- 100 гр. чоколада за готвење
- 6 лажици зејтин
Подготовка
Во еден сад се измешаат оревите, ренданата чоколада и презла. Се зема една кора и на почетокот на кората се става лажица и пол од предходно подготвената смеса, се распоредува на средината (како на сликата подолу) и кората се преклопува од двете страни и се витка во цврст ролат. Постапката се повторува со сите кори. Колку кори, толку ролати баклава.
Потоа завитканите ролати се редат во првоаголен плех и се сечат, од еден ролат се добиваат 3 парчиња (види слика). Откако ќе се насече баклавата се полива со растопен маргарин и зејтин и се пече на 200 степени додека убаво не порумени.
Во меѓувреме се подготвува шербетот.
Се става околу 200 гр. шеќер на оган да се растопи како карамел и се додава водата, па после останатиот шеќер. Се вари шербетот додека да се стопи карамелот. Се трга шербетот од оган пред да почне за врие. И после се додава една ванила и мало парче лимон.
Баклавата откако ќе се испече, топла (штом се извади од рерна) се полива со шербетот. Убаво се покрива со целофан или фолија, па преку тоа и со пешкир. Така подготвената баклава се остава да го впие шербетот најмалку 12 часа.
Кога баклавата ќе го впие целиот шербет се полива со предходно растопена чоколада на пареа со 6 лажици зејтин. Може да се декорира по желба со бела чоколада и сл.
Оваа е мојата прва баклава, која ја имам направено безброј пати во последните 5 години. Многу е вкусна и лесна за правење.
Оваа баклава може да биде и посна доколку не се става млечно чоколадо, само посно.