Цветчиња од филувани ролатчиња
Состојки
- тесто
- 1 кг наменско брашно
- 1 јајце
- 50 грама растопен маргарин
- 1 коцка свеж квасец
- 2 лажички сол
- 1 лажичка шеќер
- 1 лажичка адитив панко
- 525 мл топла вода
- фил
- 3 варени компири
- 250 грама салама паризер или шунка
- 2 јајца ( само жолчките ) за премачкување
- 2 лажички зејтин,сол за посипување одозгора ,ким
- околу 20 грама маргарин за подмачкување на плекчињата
Подготовка
Компирите ги миеме и ги ставаме да се варат. Потоа ги лупиме и ги рендаме на ситната страна од рендето или ги пасираме. Саламата ја рендаме на ситно.
Брашното го сееме, го ставаме во сад за месење и правиме кратер на средина. Квасецот го раствораме во дел од топлата вода, Маргаринот го растопуваме и неколку минути го чекаме да истине. Јајцето го матиме со вилушка и го истураме во брашното. Ги додаваме сите состојки потребни за тестото и со водата замесуваме средно меко тесто.
Откако е замесено го покриваме садот добро да се затопли додека стасува околу 45 минути. Кога е стасано тестото го делиме на 3 исти дела. Расукуваме правоаголна кора димензии 45 цм на 30 цм. Ја делиме (сечеме со нож) на 3 реда по 10 парчиња како што се гледа на сликата. Цветчињата ги правиме од 5 парчиња односно мини ролатчиња.
Од секое од трите теста ќе ви требаат лентички ширина како што ќе ви се ролатчињата за обиколка на истите како што се гледа на една од сликите. Ако сакате можете да ги правите и помали ролатчињата значи не мора строго да се придржувате до наведените димензии. Зависи од вашиот вкус.
Јас правев дел од тестото и во форма на кифлички од едното тесто споени сите една до една во круг и заобиколени исто со лентичка од тесто. На секое ролатче ставаме од филот и засукуваме со едната рака истеглувајки го тестото. Ги ставаме во подмачкано плекче со маргарин. Лентичките за цветчињата ги сечеме од ширината на расуканата кора онолку колку што ќе направиме цветчиња. Кога се направени сите цветчиња ги оставаме да стасаат.
Рерната ја затоплуваме на 200 степени. Пред да ги печеме цветчињата ги премачкуваме со жолчката и зејтинот. Ги посолуваме со малку сол одозгора, посипуваме ким. Ги печеме 30 минути.
На почетокот на печењето температурата ја задржуваме на 200 степени околу десетина минути, а потоа намалуваме на 180. Кога се испечени цветчињата плекчето го засукуваме со крпа или чаршавче да истинат и омекнат. Кога ќе истинат многу се меки и многу вкусни. Се надевам дека ќе ви се допаднат. Послужете ги со кисело млеко или јогурт како прилог. Добар апетит.