Роловани шницли полнети со зеленчук
Состојки
- околу 500 грама свински бут
- околу 100 грама ориз
- 150 - 200 грама мешан зеленчук
- 1/2 лажичка сол
- 1/2 лажичка мешан зачин, малку рузмарин, црн бибер, свеж магдонос
- 2 јајца
- 5 - 6 лажички зејтин
- по потреба презла
Подготовка
Шницлите најпрвин малку ги чукаме од двете страни и ги посолуваме со малку сол. Во меѓувреме ја вариме мешавината од зеленчук. Кога е сварена ја цедиме во цедалка.
Истребениот ориз го плакнеме во две три води и го вариме на тивок оган, внимавајки зрната да бидат цели да не се превари, малку недоварен бидејки ќе се довари при печењето во рерната. Откако ќе се свари доволно и него го цедиме во цедалка. Зеленчукот и оризот заедно ги мешаме, ги додаваме потребните зачини и добро промешуваме.
Земаме парче шницла и како што е прикажано на сликите ставаме по малку од филот не премногу за да можеме со чачкалици да го роловаме месото и добро да го затвориме од сите страни да не излезе од месото. Изматените јајца сосем малку ги посолуваме со сол. Ролованата шницла ја потопуваме добро во изматените јајца од двете страни, потоа во лебните трошки.
За поховање јас користев и лебни трошки и купечка смеса за поховање. Останува сами да одлучите како ќе ги валкате ролатчињата. Рерната ја загреваме на 200 степени.
Секој ролат го ставаме во доволно големо парче алуминиумска фолија и одозгора додаваме околу 2 лажички зејтин на секое парче. Фолијата не ја затвораме како што се гледа на една од сликите. Ако сакате можете да ги печете директно на решетката од рерната, јас ги ставив во плекче.
Ролатите ги печеме околу 1 час, првите десетина минути на околу 200 степени, а потоа намалете на 180 степени за да не ви изгори месото. Кога е испечено месото го послужуваме додека е сеуште топло, гарнирано по ваш вкус со салата и друг додаток по желба. Се надевам дека ќе ви се допаднат овие роловани шницли.Пријатен ручек.