Грузиско лепче со кашкавал ( Хачапури )
Состојки
- Тесто
- 430 гр. брашно
- 180 мл. густ јогурт
- 1 жолчка
- 3 гр. сув квасец ( пола пакетче )
- 1/2 лажичка шеќер
- 1/4 лажичка сол
- Полнење
- 150 гр. фета
- 150 гр. кашкавал
- За премачкување додека се печат
- 30 гр. маргарин или путер
Подготовка
За ова лебче има безброј рецепти, од кои многу имам испробано. На многу места е со млеко во составот, на други места е обично тесто со вода, некаде е комбинација
Оваа рецепта самата си ја искомбинирав и кога еднаш го направив лебчето веќе не пребарував други комбинации. Дотолку ни се погоди што веќе и како мезе и ужина го спремам. А подготовката е едноставна.
1. Ставете го брашното, квасецот, солта и шеќерот во еден сад и сосема малку промешајте. Жолчката сосема малку изматете ја со вилушка, додадете го јогуртот и истурете во смесата. Месете додека не добиете меко тесто што нема да се лепи на рацете. Мерките за брашното се точни, но во зависност какво користете можеби ќе треба да го прилагодите.
2. Направете 4 топчиња и расукајте кори кои не треба да бидат многу тенки.
3. Во сад настрана изгмечете ја фетата и додадете го ренданиот кашкавал, па направете 4 топчиња од смесата.
4. Врз првата кора ставете едно топче со кашкавал и нежно земете ги краевите за да го преклопете топчето. ( во сликите подолу има како треба да изгледа)
5. Нежно врз топката од тесто притискајте со прстите додека не се рашири и не стане во форма на кора пак. Не користете сукало зошто на тој начин ќе притискате многу и има можност целиот фил да ви излезе, па во пржењето ќе имате потешкотии.
6. Повторете ја постапката со сите 4 топчиња и оставете да одмори некои 15 минути.
7. Шпоретот вклучете го на средна температура и во длабока тава ( која мора да има и капак) ставете путер да се растопи онолку колку што е доволно само да ја намасти. Ставете една од корите и печете ја по 5-7 минути од двете страни, покриена со капак.
8. Служете го лебчето и топло и ладно со комбинација по ваш избор.
Забелешка
Јогуртот мора да ви е густ и да е со 3.2 % или 3.5 % масленост затоа што има поубав вкус и затоа што мерките на брашното би биле поразлични доколку е поредок јогуртот.
Можете во полнењето да направите комбинација од 100 гр. фета и 50 гр. моцарела.
Видот на кашкавалот е по ваш избор, имам користено и мешан кашкавал и ајдамер, гауда ... со сите било многу вкусно.
Доколку сакате да ви бидат подебели можете да направете 3 кори од оваа смеса, со тоа што ќе треба да го зголемете и времето на печење.