Направи сам чоколадно јајце
Состојки
- 6 шупливи лушпи од јајца
- 150 гр чоколадо
- 3 лажици масло
- неколку капки екстракт во боја (факултативно)
Подготовка
Оваа идеја ја видов од слика на интернет и посакав да ја реализирам. Само што решив освен со црно да си „поиграм“ и со бело чоколадо, па дури посакав и некое парче и да го обојам. Можам да кажам дека беше мошне интересно, а потоа ги искористив и за следниот рецепт, наместо да купувам готови.
Од наведените мерки, мене одприлика овој сооднос ми требаше, но тоа сепак зависи и од самото чоколадо (дали е црно или бело, сепак не е исто), бројот на слоевите кои ќе ги таложите, како и температурата на чоколадото од која и најмногу зависи густината на еден слој. Внимавајте, посебно со белото чоколадо, кое е малку поделикатно, па ако го мешате со масло, не ставајте повеќе од 2 лажици, дури и помалку на 100 гр.
За јајце во боја, се прави така што се зема дел од белото чоколадо и се меша со неколку капки екстракт во боја. Во мојот случај тоа беше со вкус на јагода и портокал (и секако добив јајце со таков вкус). Тука, портокалот даде боја на лушпа на јајце. Првично пробав да измешам со прехрамбена боја во прав-никако не пробувајте со таква, но затоа пак со течна можи.
Постапката е едноставна. Со лажичка се истура од стопеното чоколадо и вртејќи го јајцето се разлева насекаде во шуплината. Вишокот се цеди и се става на кратко во фрижидер...можи за побрзо во замрзнувач -1 минута одприлика е доволна. Направете 2 до 3 слоја на секое јајце. Мене слоевите ми зависеа од густината на стопеното чоколадо, односно неговата температура. Тука мора да напоменам дека црното чоколадо е многу попогодно, за разлика од белото и за него ми беа доволни 2 слоја со малку подизладено стопено чоколадо. Жалам, немам термометар за да ја прецизирам температурата. Тоа ќе морате како мене „од око“ да пробате.
Оставете ги „јајцата“ во замрзнувач некои 5 мин. За посигурно, со допир ќе знаете кога се добро здрвени. Потоа нежно скршете, лупнете го делот на дното на јајцето и почнете да го лупите и веќе имате чоколадно јајце! Колку е помал отворот на лушпата, толку е јајцето пооформено.