Испечати

Ошава торта (посна, макробиотичка)

Ошава торта (посна, макробиотичка)

Состојки

  • 5 средни јаболки
  • 200 гр меки урми
  • 100 гр меки смокви
  • 1 филџан 200мл овесни снегулки
  • 1 филџан 200мл интегрално пченично брашно
  • 1 филџан 200мл соино брашно
  • 50 гр суви вишни или суво грозје
  • 300 мл сок од јаболко без шеќер (или сок од некаков компот)
  • 1 лажица сода бикарбона
  • 100 г ореви
  • 50 гр лешници
  • 50 гр бадеми
  • За фил
  • 3 средни јаболки
  • 100 гр суво грозје
  • 2 лажици малтекс, мед или маџун
  • За украсување овошје по желба свежо или од компот

Подготовка

Излупените јаболки изрендајте ги. Во нив додадете ги овесните снегулки и двата типа на брашно (ако немате соино ставете филџан и половина интегрално и исто толку овесни снегулки), исечените урми без семка, смоквите, сувите вишни или грозје, сецканите на крупно бадеми, ореви и лешници. Сето тоа убаво измешајте го со 1 лажица сода бикарбона и сокот од јаболко или од било каков компот доколку имате дома. Треба да добиете густа хомогена смеса, да не е ни премногу густа доколку е потребно додадете уште сок, бидејќи во овој период јаболките не се многу сочни.
Сета оваа смеса истурете ја во калап или во тава обложена со хартија за печење. Изрендајте ги другите 3 јаболки додадете го сувото грозје и 2 големи лажици малтекс или мед, маџун, агавин сируп, јаворов сируп (било какво сладило во течна состојба), во случајов јас користев 1 лажица мед и 1 лажица маџун. Убаво соединете ја смесата од сладилата со јаболките и сувото овошје и ставете ја врз претходниот фил од тортата.
Украсете ја тортата по желба со јаболи, лешници, бадеми или било какво овошје по желба. Ставете ја да се пече 30 минути на 200 степени и уште 15 минути на 150 степени. Оставете ја тортата да се олади и исечете ја на парчиња. По желба можете да ја наросите со малку цејлонски цимет. Добар апетит.