Грчки козињак
Состојки
- За предтесто
- 40 гр свеж квасец
- 1/2 лажичка шеќер
- 1/4 шоља млако млеко
- 1 лажица брашно
- За тесто
- 500 - 600 гр високоглутенско брашно
- 1 лажичка анис во зрно
- 1/2 шоља вода
- 110 гр шеќер
- 110 гр путер на собна температура
- 2 големи јајца
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 1/4 лажичка сомелен махлеб
- 1/4 лажичка истолчени зрнца мастика
- 1 лимон, само рендана кора
- 1/4 лажичка сол
- За филување
- 8 лажици мармалад од кајсии
- 100 гр толчени ореви
- За премачкување
- 1 жолчка
- За посипување
- 1 рака бадеми на ливчиња
Подготовка
Ова можеби не е рецепт за козињак каков што правеле вашите баби, ама бидете сигурни дека додека го печете куќата ќе ви замириса како во најдобрата слаткарница на Цимиски.
Ставете го млекото во еден мал сад и во него растворете го квасецот. Додајте ги шеќерот и брашното, измешајте, покријте со прозирна фолија и оставете да се запени.
Зовријте ја водата, прелејте ги зрнцата анис и оставете да отстојат.
Во аван истолчете ги зрнцата мастика со една лажичка шеќер додека не се претворат во прав.
Во садот на стоечки миксер изматете го пенесто путерот со шеќерот и ванилата. Постојано матејки додајте половина од брашното, јајцата едно по едно, процедената вода од анис, запенетиот квасец, солта, мелениот махлеб, истолчената мастика и кората од лимон.
Со непрестано мешање со миксерот додавајте го постепено преостанатото брашно додека не добиете сосема еластично, сјајно тесто кое се одвојува од зидовите на садот за мешање. Ако користите високоглутенско брашно ќе ви треба помалку, а со сенаменско, малку повеќ е. Секако, внимавајте да не направите претврдо тесто.
Оставете го тестото да стаса околу еден час додека не се удвои.
Тестото префрлете го на подлога за месење и поделете го на 4 дела. Не го премесувајте. Од секој дел развлечете врвца која ќе ја расучите во долга тесна трака на која во средината ке распоредите 2 лажици мармалад од кајсии и ќе посипете 1/4 од толчените ореви. Затворете ги краевите на траката, да добиете валјак. Повторете со другите делови од тестото, па два по два замотајте ги во спирали. Се разбира, од тестото можете да исплетите и плетенки, веќе по ваша желба.
На плехот од шпоретот ставете хартија за печење, ставете ги спиралите на растојание, покријте со прозирна фолија и со крпа, па оставете да стасува на топло еден час.
Загрејте ја рерната на 180 Ц.
Изматете ја жолчката со една лажица вода, па премачкајте ги стасаните козињаци. Посипете со ливчината бадеми .
Печете ги 30 - 40 мин, до убава златно кафеава боја.
Изладете ги на жица покриени со крпа.