Манастирска паштета
Состојки
- 1 кг компири
- 1кг моркови
- 1 корен целер
- 1 корен пашканат
- 2 глави лук
- 2 главици кромид
- 200 гр сенф
- 200 гр кикирики (или ореви)
- пола китка магдонос
- сок од еден лимон
- по вкус зачини
Подготовка
Овој рецепт го начекав во една група на Фејсбук, каде што за време на постите редовно објавуваат рецепти.
Инаку оригиналниот рецепт потекнува и се уште се приготвува во манастирот Рукумија (малку северно од Пожаревац),Србија.
Монахињата Атанасија била зачудена од еден гостин кога за време ручек и побарал мелени ореви, да ги размеша со гравот. Тоа и се видело чудно, па го набљудувала што ќе направи и ја запамтила постапката. Подоцна го направила истото, додавајќи и варени компири, па продолжила да прави и разни варијации на истата тема. Од тогаш,па до денес оваа паштета се служи во манастирот, за да ги засити гостите.
Реакцијата кај нас дома беше и повеќе од позитивна, па оваа здрава паштета ви ја препорачувам да ја направите што поскоро, независно дали сте во пост или не.
Компирите, морковите, целерот, пашканатот и кромидот се чистат, се сечат на парчиња и се варат се дури да смекнат убаво.
Ако имате сад за варење на пареа, може и така да ги сварите. Доколку немате, процедете го зеленчукот од водата, а од водата направете си некоја супа, бидејќи изобилува со корисни материи.
Потоа во блендер сомелете го варениот зеленчук, да добие кремаста структура. Може да го мелете така што ќе оставите и мали парченца, како што може да забележите и на сликите.
Потоа на сомелениот зеленчук, додадете им ги сенфот, сокот од лимон, зачините по желба, лукот, магдоносот и печените и мелени кикирики.
Измешајте се, да добиете хомогена смеса и спакувајте во тегли.
Јас направив пола од наведената доза и наполнив 2 тегли.
Наместо кикирики додадов ореви, потпечени во рерна и сомелени, а ставив и маслинки (тоа го нема погоре во состојките).
Пријатен апетит и верувам дека навистина ќе уживате!