Испечати

Мини лахмаџун

Мини лахмаџун

Состојки

  • Тесто
  • 1 кг брашно
  • 500-600 мл млака вода
  • 1 лажичка шеќер
  • 2 лажички сол
  • пола филџан масло
  • 1 сув квасец
  • Фил
  • 2 средни пиперки
  • 2 поголеми главици кромид
  • 1 голем домат (може да се замени со неколку лажици доматно пире)
  • 1/2 китка магдонос
  • 500 гр мелено месо
  • по вкус сол и бибер
  • Плус
  • 1 лимон
  • ситно исецкана марула
  • исецкани домати

Подготовка

Овој рецепт за лахмаџун е компилација од неколку рецепти кои ги разгледував пред да почнам со подготовка. Резултатот беше одличен, па затоа решив да го поделам со вас.
Спремен е за драги гости и бидејќи бевме повеќе луѓе мислев дека ќе биде интересно ако ги направам лахмаџуните со помал дијаметар. И навистина беше. Наместо мини пици, јадевме мини лахмаџунчиња.

Подготовка на тестото
Од наведените состојки се замесува помеко тесто и се остава да стаса. Додека стасува тестото се подготвува филот.

Подготовка на филот
Ситно се сецкаат сите зеленчуци и се мешаат со меленото месо. Најдобро, а и најлесно е ако зеленчукот се изблендира. Смесата од зеленчук и месо добро се промешува, да се добие компактна смеса и се зачинува по вкус со сол и бибер.

Кога ќе стаса тестото, малку се премесува и се дели на 16 топчиња. Секое од топчињата се расукува во кружна форма и се става во голема тава од рерна обложена со хартија за печење. Во една тава мене ми собра 4 тестенца. Тестенцата се премачкуваат рамномерно со подготвениот фил.
Се печат во загреана рерна на 220 степени, околу 10 минути.

Пред јадење, печениот лахмаџун се попрскува со лимонов сок. Одозгора се става ситно сецкана марула и мали парчиња домати, се витка како ролат, и се јаде. Највкусно е во комбинација со ајран. Мммм...