Торта со малинки
Состојки
- За торта
- 300 гр замрзнати малинки
- 1/2 шоља (100 гр) шеќер
- 500 гр готови чоколадирани ролатчиња со фил од јагоди
- 1/3 шоља ликер од вишни
- 250 гр Маскарпоне
- 1/2 шоља (125 мл) слатка павлака со најмалку 30% м.м.
- 2 лажици шеќер во прав
- 1 кесичка ванилин шеќер
- За чоколадна глазура
- 100 гр чоколадо со 54% какао
- 100 мл слатка павлака
Подготовка
Тортата е исклучително лесна за правење, ама на неа никој до сега не останал рамнодушен...
Дното и страните на округли калап со пречник 20 цм обложете ги со транспарентна фолија.
Во едно мало тенџерче ставете ги малинките и шеќерот, па загревајте на средна температура мешајки повремено, додека шеќерот не се растопи. Оставете да проврие, па тргнете на страна да се олади.
Во еден средно голем сад со жица добро измешајте ги Маскарпоне сирењето, слатката павлака, шеќерот во прав и ванилиниот шеќер.
Искинете ги ролатчината на парчина.
Во калапот ставете еден ред парченца ролат, попрскајте со неколку лажици ликер од вишна, распоредете половина од малинките и половина од филот. Повторете уште еднаш, а на крај завршете со еден ред парченца од ролатите. Не треба да редите премногу уредно, ниту да го зарамнувате филот, доволно е да ставате се со лажица.
Покријте со еден слој транспарентна фолија, ставете погодна по големина чинија одозгора, притиснете се да се спои, па со мало оптеретување оставете во фрижидер преку ноќ.
За глазурата во мал сад искршете го чоколадото на ситни коцки. Доведете ја слатката павлака на среден оган скоро до вриење, па прелијте ја преку парченцата чоколадо. Нека одстои минута - две и измешајте со шпатула или жица да се соедини.
Тортата превртете ја на чинијата за послужување. Прелејте ја со глазурата и украсете по желба.
Со минимален труд ќе послужите незаборавен десерт.