Домашна тортиља (посна)
Состојки
- 2 чаши (150мл) бело брашно
- 1 чаша интегрално брашно
- 2 лажичиња сода бикарбона
- 1 лажиче сол
- 4 лажици масло
- 1 1/4 чаша жешка вода
Подготовка
Брашното помешајте го со солта и сода бикарбоната. Додадете го маслото и постепено додавајте ја топлата вода (околу 60 степени). Добро измешајте и убаво со раце замесете меко тесто. Од тестото формирајте мали топчиња, околу 8 до 10. Оставете ги покриени околу 10 минути да одстојат. Посипете го со брашно малку првото топче и рассукајте го со сукало во дебелина од околу 3мм. Ставете го да се пече во малку намастено тавче за палачинки, кое треба да е убаво загреано. Печете ја тортиљата околу 2 минути, кога ке се појават меури на истата превртете ја од другата страна и печете ја уште 2 минути. Истата постапка повторете ја со останатите тортиљи. Ставете ги печените тортиљи завиткани со влажна крпа да одстојат околу 15 минути. Тортиљите ќе станат меки и еластични, па ќе можете лесно да ги виткате и да ги наполните по желба.
Во мојов случај се наполнети со листови марула, рукола, домашен ѓувеч, маслинки, пченка (и бидејќи не постам имаат нарендано малку кашкавал.) Самата тортиља е посна и е одлична алтернатива за леб и за подготовка на брз сендвич.
Вака подготвените тортиљи можат да ви стојат во фрижидер и до 10 дена во затворена пластична кутија.
Едноставно, вкусно и здраво. Пробајте!