Испечати

Енчилада со пилешко

Енчилада со пилешко

Состојки

  • За полнење на енчиладите
  • 700 гр пилешко бело месо
  • 1 кромид, исечен на тенки ребра
  • 1 поголема црвена пиперка, исечена на траки
  • 1 лименка црвен грав
  • 1 лименка пченка
  • За зачинска мешавина
  • 1 лажица чили во прав
  • 1/4 лажичка лук во прав
  • 1/4 лажичка кромид во прав
  • 1/4 лажичка дробена сува пиперка
  • 1/4 лажичка оригано
  • 1/4 лажичка црвен пипер
  • 1 1/2 лажичка кумин во прав
  • 1 лажичка бибер
  • 2 лажички сол
  • За виткање на енчиладите
  • 8 големи тортиљи
  • 1 тегличка готова Мексиканска салса
  • 200 гр крупно рендано жолто сирење
  • За сос Гуакамоле
  • 1 поголемо, сосем меко авокадо
  • 200 гр високомасна кисела павлака
  • 1/2 мал кромид, сосема ситно исецкан
  • 1 мал домат, излупен, извадено семето и сосема ситно исецкан
  • 1 лимета, само сок
  • по вкус сол, зелен бибер
  • За свежа салса
  • 2 големи, зрели излупени домати
  • 1 голема црвена пиперка
  • 1/2 мал кромид
  • 1 мала киска магдонос
  • по вкус сол, бибер

Подготовка

Ова јадење низ годините претрпи многубројни измени и последнава година се прави вака. Ако настанат измени, јас ќе ве информирам, всушност, нескромно ќе си побарам од Мои Рецепти награда за мојот 100-ти рецепт да ми биди опцијата “Измени“ за да можам тоа да го направам....

Сакав една убава торта да биди на ова место, ама син ми и маж ми, заради кои пасионирано готвам, беа едногласни за овој рецепт.

Ете, за нив...

Во една поголема длабока тава загрејте на силен оган неколку лажици масло, па додајте го месото исечено на траки да се пропржи и од сите страни да добие убава боја. Префрлете го во едн мал сад и држете го на топло. Во истата тава, загрејте 2-3 лажици масло на средно силен оган, додајте го кромидот исечен на ребра и пржете мешајки да зажолти. Додајте ја пиперката исежена на траки, пропржете, па додајте ја содржината на исцедените лименки црвен грав и пченка.
Вратете го месото во тавата, додајте 1 - 2 лажици од зачинската мешавина, веќе според ваш вкус ( јас додавам 2 ), добро измешајте, дотерајте го вкусот и пржете некоја минута, додека месото не е готово, но да остани сочно.
Загрејте ја рерната на 200 Ц.
Сосем лесно намастете поголема керамичка тава за печење.
На секоја тортиља ставете на средината по овој редослед - малку рендано жолто сирење, месо со зеленчук, готова салса, па завиткајте ја тортиљата како палачинка и наредете ги една до друга во тавата за печење. Водете сметка да ви остани малку салса и рендано сирење за одозгора.
Со салсата премачкајте ги лесно тортиљите по површината, посипете со сирењето и ставете во рерна да се запечи, петнаесетина минути.

За Гуакамоле сосот извадете ја пулпата на авокадото и испасирајте ја. Додајте ги сите останати состојки, добро измешајте и дотерајте го вкусот. Ставете го во фрижидер до употреба. Не работете со авокадото со метален прибор, зошто ќе ви потемни и чувајте го сосот само во стаклен или пластичен сад од истите причини.
За свежата салса, во блендер сомелете ги сите состојки, посолете и побиберете по вкус.

Жешките енчилади послужете ги со ладен Гуакамоле сос, свежа салса, ситно сецкани црни маслинки и на тенки траки исечена зелена салата, секој да додаде по своја желба.

Толку....