Ванилици со маст, павлака и лимон
Состојки
- За тесто
- 200 гр сало на собна температура
- 1 шоља (250мл) шеќер + 1 кесичка ванилин шеќер
- 1 јајце
- 1 жолчка
- 2 лажици кисела павлака
- 1 лимон, сок и ситно рендана кора
- 400 - 450 гр брашно
- За премачкување на колачите
- 1 белка
- За одозгора
- 200 гр крупно мелени или толчени ореви
- За лепење на колачите
- 4 - 5 лажици мармалад од кајсии
- 1 - 2 лажици шеќер
Подготовка
Ова се колачи направени по рецепт запишан во најстарата тетратка на мајка ми, најверојатно некаде во шеесет и некоја година.
Салото изматете го со миксер заедно со шеќерот, ванилата, јајцето и жолчката да стане пенесто. Додајте ја киселата павлака, сокот од 1/2 лимон и изматете добро да се соедини. Во брашното измешајте ја ренданата кора од лимон, па додајте го во претходната смеса. Замесете мазно тесто кое не се лепи.
Загрејте ја рерната на 180Ц.
На два плеха од шпоретот ставете хартија за печење.
Белката ставете ја во еден мал длабок сад. Не ја матете.
Дел од оревите ставете во еден плиток сад. Не ги ставајте сите ореви одеднаш, зошто ако се навлажнат нема да се лепат за колачите.
Од тестото правете мали топчиња, спуштајте ги во белката, извалкајте ги во оревите и редете ги на плехот. Не мора да се многу раздвоени, малку нараснуваат во печењето.
Печете ги 15 - 20 мин., сосема малку да заруменат.
На средно силен оган ставете го мармаладот и шеќерот да проврие, па кратко варете го мешајки да се растопи шеќерот.
Со малку жежок мармалад спојувајте по 2 колачина.
Чувајте ги во добро затворена кутија. Од наведената количина состојки, мене ми испаднаа 60 колачи.