Полнети свински црева
Состојки
- околу 700 грама мелено месо ( свинско или мешано)
- 400 грама ориз
- 1 пар свински дебели црева ( може и тенки црева)
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка вегета,малку црн бибер,магдонос ( или други зачини по ваша желба)
- 1 лажичка црвен пипер
- околу 1 л или по потреба врела вода
- околу 7 лажици зејтин
- 1 главица кромид
Подготовка
Се мислев долго време дали воопшто да го објавам овој рецепт. Верувам дека можеби многумина ќе бидат скептици во врска со ова јадење, но сепак одлучив да го споделам ова наше традиционално јадење со вас..Се надевам дека нема да бидам единствената на која ова јадење и е вкусно без разлика на состојките кои се потребни за припремање на овој рецепт.
Најпрвин треба цревата да се исчистат многу добро од внатрешноста. Потоа надворешно исто така внимателно многу убаво да се исчистат. Ги превртуваме внатрешниот дел на цревата да бидат однадвор. Ги миеме во многу води и под јак млаз на вода, се додека не се исчистат убаво. Откако убаво се исчистени цревата ги ставаме во сад со вода и додаваме многу едра сол и ги триеме цревата со рацете и оставаме неколку часа да одстојат.
НАПОМЕНА водата да биде студена никако топла бидејки ако е врела ке се соберат цревата и нема да можат да се полнат.
Потоа ги плакнеме пак во повеќе води и ги превртуваме така да внатрешниот дел на цревата биде внатре, бидејки ако биде обратно ќе бидат многу мрсни кога ќе се испечат.
Кога цревата се спремни за полнење ја спремаме смесата. Во подлабока тава го ставаме зејтинот и сецканиот кромид. Запржуваме додека малку порумени кромидот. Потоа го додаваме месото и потребните зачини или додадете ги количински и по вкус. Го пржиме месото околу 15 минути и го додаваме оризот претходно истребен и исплакнат во две три води. Заедно малку пржиме со оризот. Земаме едно по едно црево и ги полниме со рака. Ако се многу долги цревата можете да ги исечете на пократки. Внимавајте кога ќе ги полните не ставајте премногу од смесата за да може при печењето добро да се свари оризот. Од двете страни на цревото оставете по малку само дел од цревото и краевите завртете ги навнатре да не излезе од смесата. Малку налегнете ги одозгора како што се гледа на една од дополнителните слики. Кога целата смеса ви е потрошена зовријте ја водата ( сами проценете колку вода ќе ви биде потребно) и полека истурете ја врз цревата колку да ги облие не премногу за да не ви се превари оризот. Во загреана рерна на 250 степени ставете ги полнетите црева да се печат. Во текот на печењето на неколку наврати превртувајте ги цревата од двете страни добро да се исцрват бидејки така подеднакво ќе се свари оризот и цревата ќе бидат покрцкави и повкусни за јадење. Времето за печење зависи од јачината на рерната.
Забелешка
Цревата можете да ги полните и со џигери останува вие да се одлучите како сакате. Се надевам дека ќе се согласите со мене, барем дел од вас дека не треба да се срамиме од нашите стари традиционални јадења бидејки и нашите родители и предци го спремале ова вкусно јадење. Сепак изборот останува на вас. Се надевам дека барем на некој ќе му се допадне оваа идеја за вкусен ручек. Ви посакувам добар апетит.