Гратинирани качамак со месо
Состојки
- 500 гр. пченкарно брашно (инстант) за качамак
- 2 главици кромид
- 130 гр. рендан тврд кашкавал
- 500 гр. крупно мелено јунешко месо
- 80 гр. свинска маст или масло
- 25 гр. маргарин или путер
- 1 лажиче мало алева пиперка
- 1 мало лажиче мешан зачин
- 2 чешниња лук
- по малку по вкус бибер мелен,магданос сецкан и сол готварска
- 1,5 литри вода(или спрема дадените насоки на паковањето од брашното)
Подготовка
Мал вовед. Постојат повеќе начини, со разни додатоци за подготовка на качамак. Иако е познато значењето на пченкарното брашно во исхраната и позитивното влијание на органите за варење на храната, еден добар дел од луѓето не се навикнати да го конзумираат, а има и такви кои редовно го користат барем најмалко еднаш неделно.
Па за љубителите на качамак ќе ви прикажам еден од начините на подготовка на качамак. Јадењето го ставив во групата за ручек, но по желба може да се конзумира и во друго време.
1. Подготовка на месото
Во погоден сад, загрејте 1/2 од маста или масло и во него пропржете го ситно исецканиот кромид, да омекне и благо порумене, потоа додадете го меленото месо, 1 мало лажиче алева пиперка, 1 мало лажиче мешан зачин, малку мелен бибер и динстајте додека месото да постане растресито и да порумене, потоа посолете, ставете го ситно исецканиот магданос и истолчениот лук, кратко промешајте и симнете од оган.
2. Подготовка на качамакот
Во погоден сад, налијте 1,5 литри топла вода, ставете ја другата половина маст или масло и посолете. Откако водата проврие, постепено додавајте го брашното со постојано мешање и варете околу 3 минути со постојано мешање, тргнете од оган по потреба досолете.
3. Подготовка во садот за печење
Веднаш по изработката на качамакот, во погодно подмачкано тавче ставете еден слој од 1/2 качамак, врз него распоредете го поготвеното месо, врз месото распоредете 1/2 од изренданиот кашкавал, потоа врз кашкавалот распоредете го другиот дел од качамакот, добро порамнете по површината и врз качамакот распоредете го остатокот од изренданиот кашкавал. Преку кашкавалот распоредете го маргаринот исецкан на мали парчиња.
Во мегувреме загрејте ја релната на 180-200 степени и ставете го тавчето и печете околу 20-25 минути,(внимавајте да не ви изгори). Оладете 10-15 минути и добар апетит.
4. Напомени
Основен начин на подготовка е како што го опишав, а по желба може да го поготвите и на тој начин, што подготвениот качамак измешајте го со подготвеното месо и 1/2 од изренданиот кашкавал и смесата распоредете ја во плехчето, одозгора ставете ја другата половина кашкавал и парченца маргарин и печете онака како е напред објаснето. Па може да ги пробате и двете варијанти. -Качамакот може да се служи со салата по ваш избор. Па нека ви е наздравје.