Ликер од ораховка
Состојки
- За ораховка
- 20 млади оревчиња
- 1 литар ракија (над 50 степени)
- 800 гр. шеќер
- За ликер
- 1 литар ораховка
- 3 литри бело вино Смедеревка
- 3 кг шеќер
- 150 мл. рум
- 2-3 ќесички ванилин шеќер (незадолжително)
Подготовка
Ораховка,оревача,ореовка,оревица......многу имиња и многу варијации за подготовка, но на сите добро познат пијалок-лек!
Но ликер од ораховка е веќе друга работа.
Верувам дека скоро во секоја куќа има по некое шише, веќе приготвена ораховка, па така припремата за ликерот ќе Ви оди брзо.
Но за оние што прв пат се среќаваат или немаат рецепт за како да ја приготват ораховката, јас ќе Ви ја презентирам мојата варијанта, што не значи дека Вие можете слободно да ја спремате по некој Ваш, веќе добро познат рецепт.
Значи овој дел сосема Ви го препуштам Вам.
Младите оревчиња се ставаат во шише, врз нив се истура шеќерот, па се залева со ракијата. Вака приготвената смеса се остава да стои на сонце во текот на 40 дена со повремено промешување. Потоа се процедува и се складира.
Тоа е се за овој дел.
За приготвување на ликерот Ви е потребна веќе подготвена ораховка. Ако имате дома тогаш припремата на ликерот ќе Ви одземе не повеќе од 1 час.
Сите состојки наведени за ликерот ги истурате во длабок сад, кој собира повеќе од 7 литри и мешајте постојано.
Најдобро е ова да го работите во просторија каде што е топло, за да се истопи шеќерот побрзо.Течноста не се загрева на оган.
Ако мешате поинтензивно и непрекинато, нормално ликерот за пократко време ќе биде готов. Пожелно е и самата ораховка, а и белото вино да бидат на собна температура, бидејќи сето ова ќе Ви ја олесни работата.
Мене со постојано мешање ми се потребни 15-20 минути за да го растопам шеќерот.
Потоа оставете го ликерот малку да здивне и ако забележите дека на дното од садот има стаено шеќер, повторно промешајте дури да се истопи.
На крај соберете го во шишиња, пожелно е да бидат стаклени и оставете ги да преседат една ноќ на собна температура. Наредниот ден повторно ги превртувам шишињата, за да се измеша ликерот внатре.
Белото вино, не мора да е баш Смедеревка, може да биде домашно или некоја друга сорта која Ви е на Вас омилена.
Ликерот може веднаш да се конзумира и во првите денови се уште се чувствува вкусот на виното, но колку повеќе стои, овој вкус се губи, а се повеќе доминира еден вкус на ораховка со нежна блажина.
Вкупно се добиваат скоро 7 литри ликер.
Според интензитетот на трошење оваа количина нам не ни е многу, па така во тек на една години правам и по две дози ликер.
На здравје и за долг живот!!!